На 1 ноември се навршија сто години од свечената интронизација на првиот патријарх на Романската православна црква, Неговото Блаженство Мирон Кристеа – настан што претставува еден од најзначајните моменти во духовната и националната историја на романскиот народ. Интронизацијата од 1925 година го потврди воздигнувањето на Романската православна црква во ранг на патријаршија, чин кој ја означи нејзината зрелост и нејзината улога во градењето на духовното и државното единство на Романија. Основањето на Патријаршијата се случи на 4 февруари 1925 година, беше потврдено со кралски декрет на 23 февруари, а во јули истата година беше признато од Вселенската патријаршија. Потребата за создавање на патријаршиски престол беше израз на соединувањето на романските покраини во 1918 година, акт донесен во Алба Јулија, каде што и самиот Мирон Кристеа учествуваше како епископ на Карансебеш.
Свечениот чин на интронизација
Свеченоста на интронизацијата на патријархот Мирон Кристеа се одржа во Кралската палата и во Патријаршиската катедрала во Букурешт, во присуство на кралот Фердинанд I, кралицата Марија, членовите на Светиот синод и голем број верници. Кралот Фердинанд лично му го предаде патријаршискиот жезол, откако министерот за верски прашања Александру Лапедату го прочита актот на поставување. Потоа, патријархот Мирон, придружуван од архиереите, свечено се упати кон катедралата, каде што продолжи богослужбениот чин на интронизацијата. Во текот на свеченоста зборуваа митрополитот Пимен на Молдавија од име на Светиот синод и претставници на сестринските православни цркви. Денот заврши со свечен ручек организиран од Министерството за верски прашања, концерт во Атенеумот во чест на новоинтронизираниот патријарх, и вечера во Кралската палата.
Ликот и делото на патријарх Мирон Кристеа
Патријарх Мирон Кристеа е роден во Топлица, округ Харгита, на 18 јули 1868 година. Дваесет години беше епископ на Карансебеш, од 1920 до 1925 година примасен митрополит, а од 1925 до 1939 година патријарх на Романија. По своето воздигнување, патријархот Мирон вложи големи напори за изградба на Националната катедрала, идеал кој се исполни речиси еден век подоцна. Тој исто така се грижеше за засилување на веронауката во училиштата, обновување на богословиите и отворање на нови духовни училишта. Како член на Романската академија, патријархот остави белег и во книжевноста – токму тој го нарече големиот поет Михај Еминеску „утринска ѕвезда на романската поезија“, израз што го употребил уште во својата докторска теза во Будимпешта во 1895 година. Патријарх Мирон Кристеа се упокои во Господа на 6 март 1939 година и е погребан во Патријаршиската катедрала во Букурешт.
Вековен спомен и благодарност
По повод стогодишнината од интронизацијата на патријарх Мирон Кристеа, во саботата, на 1 ноември 2025 година, на пладне во Патријаршиската катедрала во Букурешт беше отслужен благодарствен молебен (Те Деум). Оваа година Романската православна црква го одбележува и 140-годишниот јубилеј од признавањето на нејзината автокефалност од страна на Вселенската патријаршија, како и 100 години од воздигнувањето во патријаршиски ранг од страна на истата.
Извор: Basilica.ro