Пред создавањето на современите балкански нации, православните христијани со векови се идентификувале преку својата вера, црковна припадност и ромејското наследство. Оваа историска стварност отвора важни прашања за начинот на кој се формирале националните идентитети на Балканот и за тоа како денес го толкуваме минатото.
Еден историски и географски најблизок пример за разбирање на овој историски процес е развојот на современиот грчки национален идентитет, кој покажува како низ вековите се менувале значењето на имињата, чувството на припадност и односот меѓу верата, културата и националната свест.
Секој национален наратив започнува со име, а современиот грчки национален наратив започнува со име што голем дел од населението на кое се однесува не го користело како свое основно самоименување.
Пред XIX век, православното христијанско население на јужниот Балкан – истите заедници што подоцна биле претставувани како непосредни наследници на античките Хелени – се определувало според својата вера и своето ромејско наследство, наместо преку современото разбирање на етничката припадност. Да се открие како овие луѓе навистина се нарекувале не е само историска вежба. Тоа е неопходен чекор за да се разбере како се развивале современите национални идентитети на Балканот.
Ова прашање има особено значење за Македонија, каде што со векови живееле заедници со различни јазици, обичаи и локални идентитети, обединети во рамките на православната вера, а подоцна изложени на влијанието на спротивставени национални движења.
Империја на верски заедници, а не на нации
Османлиската Империја не ги организирала своите поданици според современото сфаќање на нацијата. Еден од основните начини на организирање на немуслиманското население бил преку верските заедници – милетите.
Православниот милет, претставуван пред османлиските власти преку Цариградската патријаршија, опфаќал луѓе што зборувале грчки, словенски, албански, влашки, како и христијани што зборувале турски. Нивната заедничка припадност произлегувала пред сè од православната вера, а не од единствен јазик или етничко потекло.
Грегори Јусданис, во својата студија за создавањето на националната книжевност во Грција, забележува:
„Формирањето на идентитетот во рамките на милетскиот систем, со оглед на тоа што тој опфаќал многу етнички групи, не било национално, туку верско.“— Грегори Јусданис, Belated Modernity and Aesthetic Culture: Inventing National Literature, стр. 31.
Ова бил свет во кој еден влашки трговец од Москополе, морнар од Хидра што зборувал албански и селанец од Мореја што зборувал грчки можеле да припаѓаат на иста заедница (верска), иако зборувале различни јазици и имале различно потекло.
Истата стварност постоела и на територијата на денешна Република Северна Македонија. Православните жители на Охрид, Битола, Прилеп, Костур, Воден, Струмица и многу други места живееле во општество во кое црковната припадност претставувала една од главните одредници на нивниот јавен идентитет. Тоа не значи дека меѓу нив не постоеле јазични, културни и локални разлики. Напротив, тие постоеле, но не било пракса да изразуваат преку националните категории што ги употребуваме денес. Важно е да се разбере дека припадноста кон заедничка православна црковна традиција не подразбирала целосно отсуство на други идентитети. Луѓето можеле истовремено да се препознаваат според своето место на потекло, јазик, општествена положба или историско наследство. Но тие различни припадности не биле нужно организирани во рамките на современите национални поделби.

„Вие не сте Хелени“
Ако сакаме да разбереме како обичните православни христијани се доживувале себеси, важен сведок е светителот Козма Етолски, прочуениот православен мисионер од XVIII век, кој патувал низ селата на Румелија и им проповедал на локалните христијански заедници. Неговите зборови, наведени и разгледани од историчарот на јазикот Питер Макриџ, се особено впечатливи:
„Вие не сте Хелени, не сте безбожници, еретици, атеисти; вие сте побожни православни христијани.“— Питер Макриџ, Language and National Identity in Greece, 1766–1976, стр. 59–60.
Особено е значајна употребата на зборот „Хелен“ во оваа реченица. Тој се појавува во ист контекст со зборовите „безбожници“, „еретици“ и „атеисти“. Во традиционалниот црковен речник, називот „Хелен“ долго време имал значење на паганин, односно припадник на претхристијанските религиски верувања. За свети Козма, главната одредница на неговите слушатели не била античката етничка припадност, туку нивната православна вера.
Секако, во различни историски периоди постоеле и поинакви употреби на името „Хелен“. Но примерот на свети Козма покажува колку силно било вкоренето христијанското саморазбирање, дури и во XVIII век.
Националното значење на зборот „Хелен“, кое денес го познаваме, постепено добивало нова политичка и општествена важност во процесот на создавање на современата грчка нација. Оваа промена не била единствена за грчкиот случај. Слични процеси се одвивале и кај другите балкански народи, кога постарите верски, регионални и културни припадности постепено започнале да добиваат нови национални значења.

Илјада години Ромеи
Оваа традиција не започнала со Османлиите. Нејзините корени се протегаат длабоко во историјата на Источното Римско Царство, кое денес вообичаено го нарекуваме Византија. Историчарот Ентони Калделис укажува на една добро позната, но често занемарена историска околност:
„Добро е познато дека луѓето што денес ги нарекуваме Византијци самите себеси се нарекувале Ромеи (Romaioi).“— Ентони Калделис, Hellenism in Byzantium: The Transformations of Greek Identity and the Reception of the Classical Tradition, стр. 42.
За жителите на Источното Римско Царство, ромејскиот идентитет претставувал поврзаност со државата, нејзината традиција, култура и христијанска вера. Во тој свет, зборот „Хелен“ добил и силно религиозно значење. Калделис забележува дека „паганите од секаков вид биле нарекувани Хелени“ (стр. 185), а ваквата употреба добила и законодавна потврда:
„Зборот добил погрдно значење, на кое законодавството му дало официјален печат, нарекувајќи ги ‘безбожни и одвратни Хелени’.“— Ентони Калделис, Hellenism in Byzantium, стр. 122.
Така, ромејското име и православната вера станале тесно поврзани делови од идентитетот на голем дел од христијанското население на источниот Медитеран. Тоа наследство продолжило и по османлиското освојување. Името Ромеи (Romioi) опстанало меѓу православните христијани, додека османлиската администрација ја употребувала ознаката „Рум“ во својот верски и управен поредок.
Сепак, ромејското име не треба да се разбира како доказ дека сите негови носители припаѓале на една етничка заедница во современата смисла на зборот. Неговите значења се менувале низ вековите, а во османлискиот период тоа било тесно поврзано со припадноста кон православниот христијански свет. Токму затоа, кога во историските документи ќе наидеме на називите „Ромеи“, „Рум“ или „Грци“, неопходно е да се испита нивното значење во конкретниот период. Еден ист назив не морал секогаш да означува ист вид припадност.
Македонија и наследството на Охридската архиепископија
Токму тука се отвора едно исклучително важно прашање за македонската историја. Со векови, голем дел од православното население во Македонија живеел во рамките на Охридската архиепископија – црковна институција со сопствено историско наследство, духовна традиција и широка јурисдикција. Архиепископијата постоела во различни политички околности и под различни владетели, но задржала значајна улога во верскиот и културниот живот на населението. Нејзиното укинување во 1767 година, со одлука на османлиската власт, довело до преминување на нејзините епархии под јурисдикција на Цариградската патријаршија.
Меѓутоа, при толкувањето на овој настан потребна е историска прецизност, особено кога укинувањето се претставува како дејствување насочено конкретно против македонскиот народ и неговиот национален идентитет. Охридската архиепископија не била исклучиво македонска национална институција во денешната смисла на зборот. Низ различни периоди под нејзина јурисдикција се наоѓале православни заедници со различно јазично и етничко потекло, вклучително словенско, албанско, грчко и влашко население. Нејзините архиереи, исто така, имале различно потекло.
Ако укинувањето било насочено конкретно против еден современ национален идентитет, како тогаш треба да го објасниме фактот дека истата институција опфаќала различни народи и јазични заедници? Дали тогаш треба да заклучиме дека укинувањето било насочено против сите нивни национални идентитети? Ова прашање покажува колку е проблематично црковните институции од XVIII век непосредно да се толкуваат низ националните категории што добиле свое современо значење во подоцнежниот период.
Со укинувањето на Архиепископијата била прекината нејзината вековна црковна самостојност, но не и самиот црковен живот. Нејзините епархии, свештенството и верниот народ продолжиле да постојат, сега под јурисдикција на Цариградската патријаршија.
Интересно е и сведоштвото од оставката на последниот охридски архиепископ Арсениј во 1767 година. Во документот тој ја иззема својата поранешна Пелагониска епархија, која првично ја задржал за своето издржување. Овој податок дополнително покажува дека промените биле поврзани со црковната управа и јурисдикција, а не со престанок на постоењето на самата православна заедница.
Не треба да се заборави ниту дека една година претходно, во 1766 година, била укината и Пеќската патријаршија. Двата настана мора да се разгледуваат во поширокиот контекст на османлискиот политички поредок, црковните односи, финансиските тешкотии и стремежите за проширување на јурисдикцијата на Цариградската патријаршија.
Ова не значи дека укинувањето на Охридската архиепископија не претставувало голема загуба за нејзините верници. Но една работа е да се зборува за загуба на црковната самостојност, а сосема друга е да се тврди дека во 1767 година се водела организирана политика против македонскиот национален идентитет во неговата денешна смисла. Ова е особено важно за разбирањето на подоцнежните историски документи. Припадноста кон Цариградската патријаршија не значела автоматски дека еден православен христијанин бил Грк во современа етничка смисла.
Црковната јурисдикција, богослужбениот јазик, јазикот што го зборувало населението и неговата етничка самосвест биле поврзани, но не и идентични категории. Православен христијанин од Македонија можел да припаѓа на епархија на Цариградската патријаршија, да слуша богослужби на грчки или црковнословенски јазик, а во секојдневниот живот да зборува на својот локален словенски говор. Неговата црковна припадност сама по себе не дава сигурен одговор на прашањето како тој го разбирал своето потекло.
Историското значење на Охридската архиепископија, затоа, не треба механички да се изедначува со современа национална институција. Нејзината улога треба да се разбира во црковните и општествените околности на времето во кое постоела. Токму разликувањето на овие категории ни овозможува подобро да го разбереме црковното и историското наследство на Македонија, без да ја намалуваме неговата важност и без да му припишуваме исклучиво современи национални значења.
Кога црковната припадност станала национално прашање
Во текот на XIX век, со ширењето на националните движења на Балканот, постепено започнала да се менува и улогата на црковната припадност. Она што со векови првенствено било прашање на вера и црковна јурисдикција, сè повеќе добивало национално и политичко значење. Особено појавата на националните образовни и културни движења придонела јазикот на богослужбата и наставата да стане едно од централните прашања во односите меѓу православните заедници.
Сепак, овој процес не се одвивал едноставно и подеднакво во сите средини.
Интересен пример претставува скопскиот митрополит Гаврил, архиереј на Цариградската патријаршија , кој го поддржал печатењето на делото „Утешение грешним“ од Кирил Пејчиновиќ. Во својот предговор, подготвен во 1831 година, Пејчиновиќ сведочи дека скопскиот митрополит помогнал со благослов и со 50 гроша. Делото, напишано на народен словенски јазик, било отпечатено во Солун во 1840 година.
Овој пример е особено значаен бидејќи покажува дека патријаршиската црковна припадност не подразбирала нужно непријателски однос кон употребата на словенскиот јазик. Напротив, имаме конкретно сведоштво за архиереј на Цариградската патријаршија кој материјално поддржал издавање на книга на народен словенски јазик.
Секако, ваквиот пример не значи дека во XIX век немало црковни судири, јазични притисоци или обиди за елинизација или славизација. Но тој покажува дека односите биле посложени отколку што понекогаш се претставуваат во современите национални наративи.
Не може секој патријаршиски архиереј автоматски да се претставува како противник на словенската книжевност, исто како што не може секој православен христијанин под Цариградската патријаршија автоматски да се прогласува за етнички Грк.
Со основањето на Бугарската егзархија во 1870 година, православното население во Македонија се нашло и пред нови црковни определувања. Во наредните децении, Цариградската патријаршија и Бугарската егзархија, како и црковните, образовните и политичките активности поврзани со соседните држави, станале дел од поширокото натпреварување за влијание меѓу населението.
Постепено, верската припадност започнала да се користи и како показател на националната определба. Но тука се појавува еден суштински историски проблем. Дали секој православен христијанин во Македонија што припаѓал на Цариградската патријаршија бил етнички Грк? Дали секој што преминал под јурисдикција на Бугарската егзархија нужно имал бугарска национална свест во денешна смисла?
Историската стварност била многу посложена.
Црковното определување можело да биде поврзано со јазикот, образованието, локалните односи, семејната традиција, свештенството и политичките околности. Кај дел од населението тоа навистина изразувало национална определба, но кај други не морало да има такво значење. Ова е една од причините зошто националните статистики, етнографските карти и извештаите од XIX и почетокот на XX век мора да се читаат внимателно, особено кога верската или црковната припадност се претставува како непосреден доказ за етничкиот идентитет. Уште поважно, националните судири и политики од втората половина на XIX век не можат автоматски да се користат како објаснување за мотивите на црковните одлуки донесени еден век претходно.
А каде се Македонците во оваа историја?
Ова прашање неизбежно се наметнува кога зборуваме за минатото на Македонија. Ако православните жители на Балканот со векови се определувале и според својата вера, црква и локална припадност, тогаш не можеме сите нивни историски имиња да ги толкуваме исклучиво преку денешните национални категории. Но, исто така, тоа не значи дека населението немало сопствен јазик, култура, традиција, регионална свест или чувство на припадност.
Во Македонија постоеле локални и пошироки облици на идентификација, кои низ времето се менувале и се развивале.
Современиот македонски национален идентитет се оформувал низ сложени историски процеси, особено во XIX и XX век, во услови на османлиско владеење, балкански национални движења и борби за политичка и културна самостојност.
Еден од значајните документи за овој развој е книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавена во 1903 година, во која се разгледуваат прашањата за македонската национална посебност, јазикот и културниот развој. Историјата на македонскиот идентитет, меѓутоа, не може да се сведе само на еден автор, една година или еден настан. Особено е важно да се нагласи дека постоењето на современ национален идентитет не бара неговите предци во секој претходен век да го употребувале истото национално име со истото значење.
Ова важи за Македонците, но важи и за Грците, Бугарите, Србите и другите балкански народи. Историскиот континуитет на населението, јазикот, културата и верската традиција е едно прашање. Развојот на современата национална самосвест е друго.
Тие прашања се поврзани, но не се истоветни.
Истото начело што го применуваме кога зборуваме за грчкиот национален идентитет мора да го применуваме и кога ја разгледуваме историјата на македонскиот народ. Не можеме од една страна да укажуваме дека православните христијани во XVIII век не се определувале според денешните национални категории, а од друга страна истите категории некритички да ги применуваме врз сопственото минато.
Што ни кажуваат имињата?
Ако ги поставиме овие историски факти еден покрај друг, станува јасно колку внимателно треба да се пристапува кон националното толкување на минатото. Средновековните жители на Источното Римско Царство се нарекувале Ромеи, а зборот „Хелен“ во многу црковни контексти го користеле со значење на паганин. Нивните потомци под османлиска власт продолжиле да ја зачувуваат православната вера и ромејското наследство, додека со текот на времето се развивале нови национални идеи. Истовремено, православното население во Македонија живеело во свет во кој верските, јазичните, локалните и подоцнежните национални определби не секогаш се совпаѓале.
Затоа е историски проблематично кога цели средновековни или османлиски заедници автоматски се прогласуваат за припадници на една современа нација, без да се земат предвид нивните вистински историски околности.
Историските извори мора да се толкуваат во времето во кое настанале, а не само преку потребите на денешните национални наративи. Тоа подразбира внимателно разликување меѓу етничкото потекло, јазикот, верската припадност, политичката лојалност и националната самосвест. Иако овие категории можат да бидат меѓусебно поврзани, тие не претставуваат едно исто. Еден православен христијанин што зборувал словенски јазик не морал да ја разбира својата припадност на ист начин како современиот припадник на некоја словенска нација. Исто така, употребата на грчкиот јазик во црквата или образованието не претставува автоматски доказ за грчки национален идентитет. Токму во таквите разлики лежи суштината на историското разбирање на преднационалниот Балкан.
Зошто ова е важно за Македонците денес?
За македонската јавност, ова прашање има посебна тежина.
Голем дел од расправите за историјата на Македонија и денес се водат преку имиња, црковни јурисдикции, јазици и историски документи на кои им се припишуваат современи национални значења. Но дали е оправдано човек од XVIII век да се определува според националните категории на XXI век? Дали црковната припадност на неговото семејство е доволен доказ за неговата етничка свест? И дали јазикот на кој се водела богослужбата нужно бил и јазикот со кој тој се идентификувал?
Токму ваквите прашања покажуваат зошто познавањето на православното и ромејското наследство е неопходно за разбирањето на балканската историја. Тоа наследство не припаѓа исклучиво на една современа нација. Во неговото обликување учествувале различни народи и заедници, меѓу кои и населението од историска Македонија.
За Македонците, признавањето на овие сложени историски околности не претставува откажување од сопствениот идентитет. Напротив, тоа овозможува неговата историја да се разгледува без поедноставувања и без автоматско прифаќање на националните толкувања создадени во подоцнежни периоди.
Истото начело мора да важи и за сите други народи на Балканот.
Историјата не треба да се користи за негирање на ничиј современ национален идентитет, туку за разбирање на историските процеси низ кои тие идентитети се развивале. Градителите на националните држави во XIX век наследиле општество во кое луѓето често се препознавале како православни христијани, Ромеи, припадници на локални заедници или носители на други, меѓусебно испреплетени идентитети. Со ширењето на национализмот, многу од тие стари определби добиле нови толкувања или биле заменети со современи национални имиња.
Затоа, ако сакаме вистински да ја разбереме историјата на Македонија, Грција и целиот православен Балкан, мора најнапред да разбереме како луѓето се нарекувале себеси пред создавањето на современите нации.
Минатото не треба да се приспособува на денешните политички и национални потреби. Потребно е да ги разбереме имињата, верата и идентитетот што жителите на Балканот навистина ги имале во своето време.
Составил: T.A.
Користена литература
- Kaldellis, Anthony. Hellenism in Byzantium: The Transformations of Greek Identity and the Reception of the Classical Tradition. Cambridge University Press, 2008.
- Mackridge, Peter. Language and National Identity in Greece, 1766–1976. Oxford University Press, 2009.