Гувернерот на Света Гора, г. Алкивијадис Стефанис, престојуваше во Бигорскиот манастир по повод манастирската слава – Рождеството на Свети Јован Крстител, Иванден.
Пред почетокот на бдението за празникот, на 6 јули 2026 година, Стефанис упати возвратно обраќање до епископот Антаниски и игумен на Бигорската свештена обител, г. Партениј, изразувајќи благодарност и радост што се наоѓа во манастирот посветен на Чесниот Претеча.
„Честа е моја што сум овде. Многу одамна сакав да дојдам во вашиот манастир, бидејќи имав слушнато толку многу исклучително убави зборови за Вас“, рече Стефанис.
Во своето обраќање, тој се осврна на возобновувањето на Бигорскиот манастир, духовниот живот во обителта, иконостасот, светата икона, како и на начинот на кој манастирот духовно ги раководи младите.
Посебно внимание посвети на верата и благоговението на присутните верници, нагласувајќи дека бил восхитен од нивната достоинственост и љубовта што ја покажуваат кон својот духовен старец.
Стефанис со радост забележа и присуство на деца од Атонијадата, истакнувајќи дека на Света Гора се горди на учениците кои потекнуваат од овие простори.
„Ние на Света Гора сме многу горди на децата од Атонијадата кои се одовде, и им честитаме на родителите за прекрасните созданија што ги донеле на свет“, порача тој.
Цивилниот управник на Света Гора истакна дека присуството на монаси од Света Гора во Бигорскиот манастир создава чувство како самата Света Гора да е присутна во оваа света обител.
„Навистина чувствуваме дека сега сме на Света Гора. Впрочем, и Вие самиот сте светогорец“, му се обрати Стефанис на игуменот Партениј.
На крајот, тој упати силна симболична порака, велејќи дека досега на Света Гора секогаш одговарал дека сите дваесет светогорски манастири му се омилени, но отсега, како што рече, ќе додава и уште еден.
„Отсега ќе велам дека дваесет и еден манастир ми се омилени, додавајќи ја и оваа света Обител овде“, рече г. Алкивијадис Стефанис.
Бигорскиот манастир, основан во 1020 година од првиот Охридски архиепископ Јован Дебранин, е посветен на Свети Јован Крстител и секоја година свечено го одбележува празникот Иванден како своја манастирска слава.
Извор: https://bigorski.org.mk