По денешната средба меѓу митрополитот дебарско-кичевски г. Георгиј и Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј во Рим, се отвора можност за интензивирање на контактите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Вселенската патријаршија, пишува весникот „Вечер“.
Средбата се одржала во рамките на престојот на Вселенскиот патријарх во Рим, каде што на Папскиот универзитет „Свети Тома Аквински“ (Angelicum), по повод отворањето на академската 2026/2027 година, му бил доделен почесен докторат по теологија.
Од Дебарско-кичевската епархија соопштија дека средбата претставувала можност за личен разговор во духот на евангелската љубов и заемното почитување.
Како што наведува „Вечер“, оваа средба може да претставува сигнал за засилување на контактите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, особено по неодамнешната посета на епископот Антаниски г. Партениј на Света Гора и на островот Имврос во Турција.
Во август годинава, со благослов на надлежниот митрополит Георгиј, епископот Партениј посети повеќе светогорски манастири, а потоа присуствуваше и на чествувањето на празникот Успение на Пресвета Богородица на Имврос. Во рамките на посетата учествуваа и духовници од Бигорскиот манастир, црковниот хор „Козма Пречистански“ и играорци од Кичево, кои се претставија со македонски песни и ора.
Весникот потсетува дека односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија не се прекинати, но се наоѓаат во своевиден застој поради различните ставови околу издавањето на томосот за автокефалност.
Во таа насока, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан претходно изјави дека пречките се поврзани со барањата за откажување од името Македонска православна црква, прашањето за македонската дијаспора и признавањето на Православната црква на Украина, кои ги оцени како неприфатливи.
Инаку, за време на престојот во Рим, митрополитот Георгиј денеска отслужи и молебен во чест на Свети Еразмо Охридски во базиликата „Свети Петар“, на олтарот посветен на светителот. Според Дебарско-кичевската епархија, ова е прв ваков молитвен чин на тоа место, а митрополитот сослужувал со протојереј-ставрофор Никола Христоски.
Извор: Вечер