Поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, преку објава изрази благодарност до Вселенскиот патријарх г. г. Вартоломеј, како за неговата поддршка на украинскиот народ во војната што Русија ја води против Украина, така и за доделувањето на Томосот за автокефалност на Православната црква на Украина.
Објавата е по повод денешната 35-годишнина од изборот на Неговата Сесветост на Цариградскиот престол.
„Сите овие години тој го носи возвишениот крст на своето патријаршиско служење со мудрост, смирение и татковска љубов кон целиот православен свет. И секогаш останува близок до украинскиот народ во овие тешки времиња“, наведува Порошенко.
Осврнувајќи се на доделувањето на Томосот за автокефалност, поранешниот украински претседател истакна:
„Со благодарност се сеќавам дека токму Неговата Сесветост го додели Томосот за автокефалност на Православната црква на Украина. Оваа одлука, која ја чекавме со векови, ја врати историската правда и стана голем благослов за милиони украински верници.“
Порошенко посебно ја нагласи и поддршката на Вселенскиот патријарх за украинскиот народ во услови на војна.
„Во овие тешки времиња, сите украински верници ја чувствуваат молитвената поддршка на Вселенскиот патријарх. Неговата Сесветост ја осудува војната што Русија ја води против Украина и ја нарекува зло во кое нема ништо човечко, туку само демонско.
Тој се моли за мир на нашата земја, за нашите војници и за сите што страдаа од војната, а се грижи и за Украинците кои беа принудени да ги напуштат своите домови“, напиша Порошенко.
На крајот од својата објава, поранешниот украински претседател упати благодарност и молитвени желби до Вселенскиот патријарх.
„Искрено му благодарам на претстојателот на Цариградската црква за неговата љубов и поддршка. Се молам Господ да му подари на Неговата Сесветост, патријархот Вартоломеј, здравје, сила и уште многу години служење на Бога и на Вселенското православие“, заклучи Порошенко.
Извор: Orthodoxia News Agency