Сведоштво на јеромонахот Јаков за духовната поврзаност меѓу свети Јаков Цаликис и свети Пајсиј Светогорец.
Во 1986 година сè уште бев мирјанин, ученик во Црковната гимназија во Ламија, и се викав Јован. Отидов на Света Гора и, со благослов од мојот старец, отец Јаков Цаликис, го посетив старецот Пајсиј за да се посоветувам со него дали треба да станам монах или не.
Старецот Јаков многу го почитуваше старецот Пајсиј и, кога тргнав, ми даде нешто да му однесам за благослов, додавајќи:
„Кажи му на старецот Пајсиј, кога ќе оди во Солун, нека дојде да нè посети. Јас, Јованче мое, тешко можам да се сретнам со старецот, бидејќи треба да поминам планини, долини и море, а здравјето не ми го дозволува тоа. Освен тоа, старецот Пајсиј е светител, а јас сум грешен и недостоен“.
Тогаш ми даде и 5.000 драхми за да запалам свеќа во неговата мала црква.
Кога стигнав на Света Гора, го сретнав старецот токму пред вратата на неговата ќелија. Штом нè виде (бев со еден јеромонах), ни рече:
– О, добре дојдовте, добре дојдовте!
Зедовме благослов, а тој ми рече:
– Е, што велиш? Ќе стануваш монах?
– Старче, му велам, родителите ми се противат.
– Слушај да ти кажам. Остави ги родителите да плачат еден-два месеца, за да не плачеш ти цела вечност, и оди додека не си го изгубил тоа богатство.
(Мислеше на старецот Јаков, иако воопшто не му бев кажал каде размислувам да одам за да се замонашам.)
– Старче, ви пренесувам благослов од отец Јаков од манастирот на преподобен Давид.
– Ах, чедо мое, такви се светителите на нашето време, кои се подвизуваат и се молат со смирение и љубов. Јас не сум достоен да го видам тој великан на Православието, а и многу е далеку за да се сретнам со него. За тоа се потребни многу труд и подвиг. Но Бог ни дал љубов и ние духовно општиме еден со друг.
Откако ни кажа многу духовни поуки и совети, на крајот му реков:
– Старче, може ли да се поклонам во вашата мала црква, за благослов?
А старецот ми рече:
– Не, нема потреба.
– Старче, ве молам, дозволете ми, за благослов.
– Не, чедо мое, зашто можеби старецот Јаков ти дал некоја банкнота од пет илјади драхми, па што ќе правам јас со неа, кога сум монах?
Не ми дозволи да се поклонам. Ми даде една бројаница и едно мало крстче за да му ги однесам на старецот.
Кога се вратив во манастирот, старецот ме пречека со радост. Му ги предадов подароците од старецот Пајсиј, а тој веднаш ми рече:
– Оние пет илјади драхми што старецот Пајсиј не ги прими и не ви дозволи да се поклоните, земи си ги за твоите трошоци во училиштето во Ламија.
Останав вчудовиден.
– Старче, од каде го знаете тоа?
Тогаш ми прошепоти на уво:
– Ние, чедо мое, духовно општиме еден со друг.
Сведоштво на јеромонахот Јаков.