На левата страна од главната порта на соборниот храм (католикон) на Светиот Велик Манастир Ватопед, по искачувањето по камените скали, се наоѓа параклис посветен на Пресвета Богородица Парамитија. Токму во овој параклис, по едно величествено чудо, била пренесена истоимената чудотворна икона – фреска од XIV век, која претходно се наоѓала во десниот дел од надворешниот нартекс.
Во старо време постоел обичај, по завршувањето на утринската богослужба, монасите при излегувањето од храмот да ја целиваат иконата на Пресвета Богородица. Тука игуменот му ги предавал клучевите од манастирската порта на вратарот, за таа да се отвори по ноќното затворање.
Една година, на почетокот на XIV век, на 21 јануари, по завршувањето на Утрената, отците се повлекле во своите ќелии за краток одмор пред да започнат на дневните послушанија. Не знаеле дека надвор, зад портата, демнат пирати – тогаш честа и страшна напаст во Егејското Море – кои ја опколиле светата обител, подготвени да ја ограбат и разорат.
Во храмот останал само игуменот, потонат во молитва. Одеднаш, го вознемирил глас што не наликувал на човечки. Исплашено разгледал наоколу, но никого не видел – храмот бил празен. Сепак, гласот бил јасен. Со трепет и внимание сфатил дека доаѓа од иконата на Богомајката. Тогаш ги чул зборовите на Пресвета Богородица:
„Денес не ја отворајте портата на Манастирот, туку искачете се на ѕидините и изгонете ги пиратите.“
Игуменот, вџашен и исполнет со стравопочит, го вперил погледот кон иконата – и станал сведок на неискажливо чудо. Ликот на Пресвета Богородица оживеал, а Божественото Младенче Исус, кое го држела во рацете, ја подигнало Својата десна рака и нежно ѝ ја затворило устата, вртејќи го Своето светло лице кон неа.
Се чул благ, детски глас:
„Не, Мајко Моја, не им кажувај. Остави ги да бидат казнети, зашто ги занемаруваат своите монашки должности.“
Тогаш Пресветата Богородица, со мајчинска смелост и неискажлива љубов, благо го задржала рачето на Своето Синче, малку ја наклонила главата надесно и со уште поголема решителност повторила:
„Денес не ја отворајте портата на Манастирот, туку искачете се на ѕидините и избркајте ги пиратите. И покајте се, зашто Мојот Син е гневен на вас.“
Предупредувањето го повторила и по трет пат. По завршувањето на овој небесен дијалог, иконата повторно се вратила во својот првобитен изглед.
Игуменот веднаш ги собрал сите отци и им ги пренел зборовите и настаните што ги доживеал. Кога сите се свртеле кон иконата, биле уште повеќе восхитени: нејзиниот изглед бил целосно преобразен.
Од тој миг, иконата го има денешниот лик: Пресвета Богородица го држи рачето на Христос под Својата уста и ја наклонува главата надесно за да го избегне. Нејзиното лице зрачи со неизмерна милост, љубов, сочувство и мајчинска нежност, додека Христос, иако прикажан како Младенче, има строг и величествен лик на Судија.
Оваа икона со право се смета за неракотворна, зашто не е создадена од човечка рака во обликот што денес го познаваме, туку е преобразена по благодатта Божја и по чудотворното застапништво на Пресвета Богородица за спасението на Манастирот. Поради тоа е наречена Панагија Парамитија – Утешителка, бидејќи погледот кон нејзиниот лик ја смирува, ја одмора и ја утешува човечката душа.
Со ова чудо уште еднаш се открива мајчинската смелост на Пресвета Богородица да посредува за човештвото пред Својот Син и Бог, и нејзините спасоносни молитви преку кои луѓето се избавуваат од страдањата што праведно би ги снашле поради гревовите.
Иконата е пренесена во посебен параклис на Парамитија, каде што пред неа непрестајно гори кандило, секојдневно се служи Молебен, а секој петок – Божествена Литургија. Во минатото, токму тука се извршувале и монашките потстригувања.
Со оваа икона е поврзан и животот на Преподобниот Неофит, чувар и служител на параклисот. По тешка болест и молитва кон Пресвета Богородица, бил удостоен да се врати во Манастирот и по една година, по света Причест, го слушнал нејзиниот глас:
„Неофите, дојде времето на твоето заминување.“
Откако побарал прошка од сите отци, мирно го предал својот дух во рацете на Господа.
Радувај се, Парамитијо, Дево! Радувај се!