28
На Православниот богословски факултет во Белград на 18 ноември 2025 година беше промовирана збирката трудови „Ава Јустин – печатот на традицијата“, издание посветено на големиот српски богослов и подвижник, свети Јустин Ќелиjски.
Промоцијата, на која присуствуваше и српскиот патријарх Порфириј, ја отвори деканот на факултетот, протоереј-професор д-р Србољуб Убипариповиќ. Тој истакна дека собирот не е само формално претставување на книга, туку заедничко сведоштво за делото и личноста на авва Јустин, чии духовни и богословски траги длабоко се втиснати во историјата на факултетот.
Три јубилеи обединети во една збирка
Збирката опфаќа шеснаесет научни трудови посветени на троен јубилеј: 130 години од раѓањето, 45 години од упокојувањето и 10 години од пренесувањето на моштите на свети Јустин Ќелиjски. Трудовите, како што беше нагласено, не содржат само академски анализи, туку и богословие родено од живо црковно искуство – токму онаков тип богословие што го негувал самиот авва Јустин.
Таталовиќ: Богословието на Јустин е „наука над науките“
Првиот говорник, проф. д-р Владан Таталовиќ, подвлече дека збирката претставува сведоштво на живата меморија за свети Јустин. Неговото богословие, рече тој, не произлегувало од академска метода, туку од подвиг, молитва и личен екстатичен допир со Христос.
Тој направи јасна разлика меѓу таквото богословие и современите академски пристапи што понекогаш се оддалечуваат од црковното предание. Според него, авва Јустин останува пример за богослов кој говори „од животот на Црквата, а не од спекулативна дистанца“.
Вукашиновиќ: „Печат“ значи Христос – а не техника
Протоереј-ставрофор проф. д-р Владимир Вукашиновиќ се осврна на насловот на книгата, објаснувајќи дека во литургискиот јазик „печатот“ е она што го прима свештеникот при ракополагањето – самиот Христос во Евхаристијата, а не инструкции или текстови.
Тој предупреди на опасноста современото богословие да се претвори во техничка дисциплина без духовна содржина или во идеолошки дискурс, изгубен од преданието. Како спротивност, богословието на авва Јустин – засновано врз молитва, аскеза и литургиско доживување – останува модел за „правилно богословување“ што раѓа духовен живот, а не празни теории.
Митрополит Иринеј: Јустин не кажуваше „свое“ – туку она што го примил од Бога
Митрополитот бачки д-р Иринеј, последниот говорник, истакна дека секое време, а особено денешното, се соочува со опасноста од „самодоволни и горди богослови“ кои се потпираат на лични теории наместо на црковно сведоштво. Јустин, напротив, секогаш зборувал како сведок на Црквата, а не како автор на приватни идеи.
Митрополит Иринеј се присети и на момент од манастирот Ќелии пред половина век, кога членови на Светиот синод дошле кај авва Јустин за совет. Тој ги пречекал смирено и со длабока почит, правејќи голем поклон пред нив – исто како што ги почитувал и најобичните луѓе. Таквата соединетост на смирение и мудрост, рече митрополитот, е присутна само кај вистинските богослови.
Повик до младите богослови
Во завршната порака, митрополит Иринеј ги охрабри студентите и младите богослови да останат верни на духот на своите учители, особено на авва Јустин, кој со својот живот и учење „внесувал богатство во срцата на верните“, водeјќи ги кон пристаништето на спасението.
Извор: Православна Црква на Србија