Архиепископот на Тирана, Драч и цела Албанија г.г. Јован, од Соединетите Американски Држави каде што престојува во рамки на официјална посета, упати порака за единство на Православната Црква.
Поглаварот на Православната Црква во Албанија беше претстојател на Сеправославното сослужение кое се одржа во Неделата на Православието, на 1 март 2026 година, во храмот „Света Екатерина“ во Брејнтри, Масачусетс. На Литургијата сослужуваа Архиепископот Американски г. Елпидофор, Митрополитот Бостонски г. Методиј, како и други јерарси од странство и архиереи кои припаѓаат на Собранието на канонските православни епископи на САД.
Ова е прва посета на Архиепископот Јован на САД по неговиот избор и устоличување.
„Потребно е светот да нè види заедно – потребно ни е видливо единство“, истакна Архиепископот Јован. „Во срцата сме обединети, но тоа мора да го покажеме и пред светот. Не можеме да каниме други на дијалог, ако не водиме дијалог меѓу нас.“
Поглаварот на Албанската Црква беше пречекан од Митрополитот Бостонски г. Методиј и од старешината на храмот. Од своја страна, Архиепископот Американски г. Елпидофор со зборови на љубов му се заблагодари за прифаќањето на поканата да ја посети Америка.
Централен настан на посетата е учеството на Архиепископот Јован на Меѓународната конференција со наслов „Анастасиј: Архиепископ, Теолог, Мисионер“, која ќе се одржи од 2 до 4 март 2026 година на Богословскиот факултет „Чесен Крст“ во Бостон.
Конференцијата е коорганизирана од Хафингтонскиот екуменски институт при Богословскиот факултет „Чесен Крст“ во Бостон и Институтот за мисија на православното христијанство. Нејзина цел е да го истакне животот и наследството на Архиепископот Анастасиј – една од најистакнатите личности на современото Православие, познат по својата посветеност на меѓурелигискиот дијалог, евангелската мисија и екуменското помирување.
Извор: orthodoxianewsagency.gr