По две бледи и тажни божикни сезони, градот каде што се родил Христос повторно се подготвува за славење. Палестинскиот Витлеем – симбол на надежта за христијаните ширум светот – оваа сабота (6 декември) го осветли Божикното дрво на Плоштадот на Јаслите, објавувајќи го не само почетокот на празничниот период, туку и упорноста на народ решен повторно да ја врати радостa по години на тешка болка.
Иако прекинот на огнот во Газа, постигнат во октомври под покровителство на САД, не ги запре израелските напади врз Палестинците, ниту ја намали трагедијата во Газа и на Западниот Брег, Витлеем сепак избра да слави. Според вековните протоколи меѓу црковните заедници во Светата Земја, ќе има три Божиќни празнувања: на 25 декември, на 7 јануари и на 18 јануари за ерменските христијани. Ќе се одржат маршеви на гарди, хорови ќе пеат, а полноќните богослужби повторно ќе го исполнат храмот на Рождеството.
Одлуката на Витлеем инспирираше и други палестински градови. Од Бејт Џала и Рамалах, до Наблус и Забабде, улиците и храмовите се украсуваат во обид да се врати духовноста и заедништвото.
Градоначалникот на Витлеем, Махер Канавати, вели дека Божик во Палестина е „длабоко духовен чин – време за мир, солидарност и сочувство кон оние кои сè уште страдаат.“ Осветлувањето на дрвото, додава тој, е „моќна потврда за заедницата, единството и верата.“ Поранешниот градоначалник Антон Салман нагласи дека прославувањето го изразува стремежот на Палестинците да ја сочуваат надежта „среде трајната суровост.“
Самир Хазбун, претседател на Арапското здружение за рехабилитација во Витлеем, истакнува дека прославувањето ги обединуваат и муслиманите и христијаните во дух на национална солидарност.
Митрополитот Аталла Хана од Ерусалимската грчка православна црква предупреди дека, и покрај привремениот пад на активните судири, страдањето и угнетувањето продолжуваат. „А сепак, надежта опстојува,“ рече тој. „Божиќ ги носи вредностите на мирот, љубовта и братството.“
Тешката реалност зад светилките
Под светлината на лампионите, состојбата е мрачна. Невработеноста во Витлеем достигна 31%. Туризмот – главната економска гранка – сега ѝ носи на општината загуба од околу 2,5 милиони долари дневно. Во 2022 година, Витлеем го посетија 1,5 милиони туристи; денес индустријата е на работ на колапс. Хотелите и работилниците работат со минимален капацитет. Семејствата кои живееле од аџилак и туризам стравуваат од банкрот.
Но економската криза е само дел. Последниве две години израелските населби и насилството на доселениците драматично се зголемија.
На 25 ноември, гувернерот Мохамад Таха Абу Алија, чија управа опфаќа 10 градови на Западниот Брег, рече дека нападите на доселеници, запленетата земја и воените упади продолжуваат „непрекинато“, и покрај тоа што светското внимание се префрли на други теми. Тој упати апел до папата Лав XIV, светските црковни лидери и владите да го заштитат историскиот град, критикувајќи ги млаките меѓународни реакции, додека ги пофали новинарите што ги документираат и окупацијата и отпорот.
„Витлеем е прозорец кон Палестина“, рече тој.
Закана врз Бејт Сахур – земјата на пастирите од Евангелието
Јужно од Витлеем се наоѓа Бејт Сахур, местото каде според Евангелието од Лука ангелите им се јавиле на пастирите за раѓањето на Христос. Таму опасноста е уште поостра. Градоначалникот Елијас Исеед испрати итно писмо до светските и црковните лидери, предупредувајќи за план за изградба на нова израелска населба на земјиштето на градот – „чин на одземање“ што ќе „го тероризира“ мирното, претежно христијанско население.
Областа е дел од зоната Ц – под целосна израелска контрола. Вклучува парк и рекреативни зони, веќе означени од воен пункт. Според Исеед, новата населба „ќе ја задуши заедницата“ и ќе ги натера жителите во присилна миграција. Тој се повика на податоците на Канцеларијата на ООН за координација на хуманитарни прашања, кои бележат 757 напади од доселеници од јануари – 13% повеќе од минатата година.
Израелската организација Peace Now потврди дека на 20 ноември преку ноќ на локацијата пристигнале трактори и биле поставени каравани за создавање нова населба „Шдема“. Земјиштето некогаш било планирано за палестинска
детска болница, но притисокот од доселениците го стопирал проектот. Сега истите тие доселеници го присвојуваат просторот.
„Новата населба има цел да го задуши Бејт Сахур и да го блокира неговиот развој,“ соопшти Peace Now и најави полициска пријава.
Божикното дрво како отпор и сведоштво
Во такви околности, Божикното дрво на Витлеем станува нешто многу повеќе од украс – станува прогласување на живот, отпор и национален идентитет. Додека децата ги гледаат светилките, а хоровите пеат на многу јазици, Витлеем инсистира на своето право да слави, да постои, и покрај ѕидовите, контролни пунктови и растечките населби.
Божик тука не е бегство. Тоа е пркос. Објавување дека радоста не може да се изгаси, дека верата преживува и под окупација, и дека надежта не е привилегија на моќните, туку сила на оние што истрајуваат.
Додека дрвото се осветлува и песните одекнуваат над Плоштадот на Јаслите, Витлеем испраќа порака до светот: Мирот бара правда. А ангелската порака од пред 2000 години – кажана на пастирите од блиските полиња на Бејт Сахур – и денес одѕвонува:
„Слава на Бога во висините, и мир на земјата.“
Прашањето е само: дали светот ќе слушне?
Извор: americamagazine.org