Многу христијани во Израел, кои сочинуваат помалку од 2% од населението, велат дека сè почесто се чувствуваат несигурно поради својата вера и стравуваат дека јавното покажување на христијанскиот идентитет може да ги изложи на навреди, вознемирување или напади.
Сестра Мајела, мексиканска монахиња која повеќе од две децении живее во Ерусалим, и понатаму секојдневно ја носи својата монашка облека, но сега до работа ја придружува еврејски доброволец кој се грижи за нејзината безбедност. Во близина неодамна била насилно нападната друга католичка монахиња.
„Се плашам откако сестрата беше претепана. Порано можеше да се живее со поголема сигурност. Некои луѓе плукаа, други поздравуваа. Сега мораме да живееме со доверба во Бога“, вели сестра Мајела.
Неодамна, додека минувала покрај група ултраортодоксни Евреи, еден тинејџер плукнал веднаш зад неа. Тој подоцна тврдел дека само го прочистувал грлото, но доброволецот што ја придружувал монахињата го пријавил случајот во полиција.
Ваквите инциденти се дел од проблемите со кои се соочуваат христијаните во Израел, особено по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година и војната и силната поларизација што следуваа. Сепак, меѓуверските активисти и истражувачите посочуваат дека во последно време има подобрување во полициското постапување и во гонењето на сторителите.
Во северниот дел на Израел, дел од христијаните сметаат дека државата не прави доволно за да ги заштити од криминал и насилство. И покрај тоа, неодамна групи католици учествуваа на поклонение на гората Тавор, местото каде што, според Евангелијата, се случило Преображението Христово.
„Во свет во кој темнината сè повеќе ги исполнува срцата на луѓето, ние треба да ја шириме Божјата светлина“, изјави сестра Муна, која предводела една од младинските групи.
За многу христијани и Евреи, зачувувањето на мирниот соживот во Светата Земја е морална обврска.
„Не сакам христијаните да излегуваат од своите домови во Ерусалим и да се плашат. Ние Евреите го доживувавме тоа две илјади години низ нашата историја. Нема да дозволам тоа да им се случува и на нив“, изјави Јиска Харани, израелска едукаторка и активистка која ја придружувала сестра Мајела.
Речиси тројно повеќе инциденти во Ерусалим
Во Стариот град на Ерусалим, каде што на мал простор се наоѓаат некои од најсветите места за јудаизмот, христијанството и исламот, повремено доаѓа до меѓуверски тензии.
Свештеникот Алберто Пари, кој работи на меѓуверскиот дијалог и христијанско-еврејските односи, вели дека плукањето во близина на христијански свештеници и монаси не е ретка појава.
„Ако се движите низ градот во монашка облека, порано или подоцна некој ќе плукне покрај вас“, вели тој, но истовремено предупредува дека ваквите случаи не смеат да бидат причина за генерализирање и поттикнување антисемитизам.
Според Центарот за податоци за верската слобода, организација што ги следи случаите на вознемирување на христијаните, бројот на инциденти во Ерусалим е речиси тројно зголемен во споредба со периодот од пред четири години. Во последните три месеци за кои има податоци, во просек бил регистриран по еден инцидент дневно, а речиси сите биле поврзани со еврејски религиозни националисти.
Во април, Евреин од населба на окупираниот Западен Брег бил обвинет за насилен напад врз католичка монахиња.
Израелските власти најавуваат построг одговор
Израелската влада тврди дека нападите и вознемирувањето на христијаните нема да бидат толерирани.
Амбасадорот Џорџ Дик, новиот израелски пратеник задолжен за односите со христијанскиот свет, порача дека секој напад врз христијаните е незаконски и мора да биде санкциониран.
„Веруваме дека секој инцидент против христијаните е неморален, незаконски и треба да биде кривично гонет. Токму тоа ќе го правиме“, изјави Дик за Асошиејтед прес.
Тој нагласи дека целта е Израел да остане место каде што христијаните „не само што можат да преживеат, туку и да напредуваат“.
Во истиот период, меѓународна осуда предизвикаа уште два инцидента во јужен Либан. Еден израелски војник скршил распетие во семејна градина, додека друг ставил цигара во устата на статуа на Богородица. Двајцата војници биле казнети со воен затвор.
Според Џон Мунајер од Центарот Росинг за образование и дијалог, мнозинството Израелци го осудуваат ваквото однесување, но одредени еврејски религиозно-националистички кругови, особено меѓу младите, и понатаму претставуваат извор на тензии.
Тој објаснува дека дел од непријателството кон христијаните произлегува од историското сеќавање на прогонот на Евреите во европските христијански земји, од гледањето на одредени христијански практики како идолопоклонство, како и од нетолеранцијата кон неевреите во близина на одредени свети места.
Страв и во христијанските населби на Западниот Брег
Дополнителен товар за локалните христијани претставува израелско-палестинскиот конфликт, бидејќи голем дел од христијанското население во Израел и на окупираниот Западен Брег се Палестинци.
Во Тајбех, последното целосно христијанско село на Западниот Брег, еврејски доселеници неодамна влегувале на приватни имоти, сечеле огради и уништувале овошни и зеленчукови градини.
„Сите луѓе овде се плашат. Доселениците доаѓаат и си одат секој ден“, изјави локалниот свештеник Башар Фавадлех.
Израелската армија го прогласила селото за затворена воена зона со цел да ги спречи нападите, но меѓу локалното население и понатаму постои загриженост дали властите можат и сакаат целосно да го запрат насилството од доселениците.
„Најважно е да го зачуваме христијанскиот идентитет“
И покрај растечките тензии, локалните христијани велат дека се обидуваат цврсто да се држат до својата вера и својот идентитет. Дел од нив предупредуваат дека несигурноста и меѓуверските тензии веќе придонесуваат кон иселување на христијаните од регионот.
„Многу е тешко да го зачуваме нашиот идентитет како христијани на Блискиот Исток, но тоа е најважното“, вели 20-годишниот Џон Аклех.
Десет поклоници од Назарет годинава повторно го започнале традиционалното искачување на гората Тавор уште во 4:15 часот наутро, продолжувајќи ја традицијата и во услови на војна.
„Ќе имаме многу жртви, но бидете сигурни дека на оваа земја нешто ќе се промени“, им порача свештеникот Фади Шалуфи за време на богослужбата на врвот на планината.
Избор: https://apnews.com/