Македонија е на првото место на листата на земји со најголем процент на пушачи, според рангирање што ја објави интернет страницата Светска статистика (World of Statistics) повикувајќи се на податоци од World Population Review.
Според листата пренесена во мај годинава, 39,5 отсто од возрасното население (над 15 години) во Македонија пуши, со што земјата е на првото место.

На второто место е Тимор 38,2 отсто , Либан со 37,2 отсто, следуваат Бугарија и Србија со по 35,8% и Црна Гора со 33,6 отсто.
Во поширокото рангирање следуваат Хрватска со 32 отсто, Индонезија и Турција со по 30 отсто, Франција со 30 отсто, а Унгарија со 28 отсто. Шпанија, според истото рангирање, е на 18. место со 25 отсто.
Тутунот во црковното предание
Во народното православно предание постои и едно необично предание за потеклото на тутунот. Според него, тутунот никнал од местото каде што паднале и се распрснале сребрениците на Јуда Искариотски, откако тој, по предавството на Христа, го завршил својот живот. Оттука, во дел од црковната и народната традиција, тутунот се поврзува со Јудиното предавство и со духовната погубност на страстите.
Без оглед на историската точност на ова предание, православното учење суштински не го разгледува пушењето само како прашање на навика. Никотинот создава зависност, а зависноста го нарушува човековиот дар на слободата и самоовладувањето. Човекот постепено станува потчинет на нешто од кое самиот знае дека треба да се ослободи.
Во православниот духовен живот, целта не е само човекот да биде здрав, туку да стане слободен од страстите и да живее во заедница со Бога. Пушењето, особено кога прераснува во зависност, може да стане сериозна пречка за таа борба, бидејќи човекот свесно продолжува со нешто што му нанесува штета на телото и го потчинува на својата страст.