Во руските воздушни напади врз украинскиот град Днипро, во ноќта кон 16 ноември 2026 година, беше оштетена најстарата црква во градот – храмот „Воздвижение на Чесниот Крст“, кој припаѓа на Украинската православна црква (УПЦ), историски поврзана со Московската патријаршија.
Како што соопштија црковните претставници, силниот ударен бран предизвикал значителни оштетувања на храмот, при што биле искршени десетици прозорци.
Црквата се наоѓа во Новокодакскиот реон на Днипро и претставува архитектонски споменик од локално значење, како и најстар зачуван храм во градот.
Храм со повеќе од два века историја
Црквата била изградена меѓу 1803 и 1812 година, во некогашната козачка населба Диивка, по иницијатива на семејството на воениот офицер Максим Дии, основач на населбата.
Изградена е во украински необарокен стил и претставува значаен дел од историското и духовното наследство на градот.
Во периодот од 1900 до 1903 година храмот бил проширен со двокатна камбанарија во псевдоруски архитектонски стил. Тогаш била изградена и ограда од тули со впечатлива јужна порта, обликувана во украински необарокен стил.
Во средината на минатата деценија биле извршени обемни поправки и реставраторски зафати. При обновата, традиционалната бела фасада на храмот била обоена во розова боја.
Оштетена и цивилна инфраструктура
Во истиот руски напад врз Днипро биле оштетени и индустриски објект, транспортна инфраструктура и приватни станбени објекти.
Оштетувањето на храмот „Воздвижение на Чесниот Крст“ претставува уште еден случај во кој воените дејства во Украина го загрозуваат историското и верското наследство на земјата.
Извор: The New Voice of Ukraine