Значајно археолошко откритие во северен Судан фрла нова светлина врз средновековната христијанска историја на Нубија. Археолозите го открија првобитниот под на Големата црква на Исус Христос, монументален христијански храм за кој се претпоставува дека бил најголемиот во средновековна Нубија.
Полско-суданска археолошка експедиција на почетокот на ноември открила монументално скалило, опкружено со ѕидови високи околу 11 метри, преку кое истражувачите успеале да стигнат до првобитното ниво на подот на храмот.
Црквата се наоѓа во древниот град Стара Донгола, на источниот брег на Нил, околу 160 километри југоисточно од денешниот град Донгола.
Храм поголем од Белата куќа
Големата црква на Исус Христос за првпат била откриена во 2021 година, но најголемиот дел од неа сè уште останува затрупан под земја. Досега, откриеното скалило е единственото место преку кое археолозите успеале да стигнат до првобитниот под на храмот.
Раководителот на археолошката експедиција, професорот Артур Облуски, истакнал дека станува збор за градба поголема од Белата куќа во Вашингтон, нагласувајќи дека истражувањата ќе продолжат.
Според досегашните процени, храмот бил широк околу 47 метри и долг приближно 57 метри, додека неговата висина се проценува на околу 21 метар. Овие димензии сведочат за исклучителната монументалност на градбата.

„Света Софија“ на средновековна Нубија
Професорот Облуски ја опишува Големиот храм на Христос како најзначајниот и најголемиот христијански храм во средновековното кралство Макурија, едно од трите кралства што се развиле долж средниот тек на Нил по доаѓањето на христијанските мисионери во VI век.
Според него, храмот имал улога слична на онаа на величествената црква „Света Софија“ во Константинопол, изградена за време на византискиот император Јустинијан и осветена во 537 година.
Како што објаснува Облуски, Големата црква на Исус Христос, преку својот архитектонски распоред и градежните техники, веројатно извршила значително влијание врз развојот на црковната архитектура во средновековна Нубија и североисточна Африка.
Тој посочува дека во историјата на архитектурата постојат градби што стануваат пример за подоцнежните генерации. Еден таков пример е „Света Софија“ во Константинопол, а Големата црква на Исус би можела да има слично значење за Нубија, па дури и за поширокиот африкански регион.
Продолжувањето на археолошките ископувања се очекува да открие нови сознанија за архитектурата, намената и значењето на овој величествен храм во верската и културната историја на регионот.
Откритието во Стара Донгола претставува уште едно значајно сведоштво за богатото христијанско наследство на Африка и за развиената црковна култура што постоела на овие простори пред повеќе од илјада години.
