Од печат излезе научната монографија „Религиското образование и ΠΑΙΔΕΙΑ: Компаративно-правни перспективи“, авторски труд на монахињата Ефимија (Зајковска), член на сестринството на манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица.
Монографијата се занимава со едно од прашањата што со години е предмет на дебати во македонското образование – местото и иднината на религиското образование во јавните училишта, со посебен акцент на предметот „Етика во религиите“.
Делото е резултат на одбранетиот магистерски труд на авторката на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како и на нејзиниот долгогодишен ангажман за унапредување на религиското образование во македонскиот образовен систем.
Рецензенти на монографијата се проф. д-р Александар Спасеновски и проф. д-р Анета Јовковска.
Религиското образование и секуларната држава
Во студијата прашањето за религиското образование се разгледува од повеќе аспекти – уставно-правен, педагошки, општествен и теолошки.
Едно од централните прашања е дали присуството на религиски содржини во јавното образование е спротивно на принципот на секуларност.
Преку компаративна анализа се разгледуваат различните европски модели: конфесионалниот модел карактеристичен за земји како Германија и Австрија, францускиот модел на строга одвоеност, како и мултирелигискиот и феноменолошки пристап присутен во Англија.
Анализирани се и искуствата на Србија, Грција, Бугарија и Хрватска.
Во монографијата се застапува концептот на т.н. „позитивна неутралност“ на државата, според кој секуларноста не значи целосно отстранување на религијата од јавната сфера, туку создавање објективна, инклузивна и плуралистичка образовна рамка.
Таквиот пристап, според истражувањето, може да придонесе учениците да стекнат религиска писменост и подобро разбирање на различните верски традиции, а со тоа и да се намалат предрасудите, стереотипите и ризикот од радикализација.
Што покажуваат истражувањата меѓу родителите?
Значаен дел од монографијата е посветен на квантитативните истражувања на јавното мислење и на анкетите спроведени меѓу родители на ученици кои го изучувале предметот „Етика во религиите“.
Според претставените резултати, кога предметот се изучува на објективна и неиндоктринирачка основа, родителите и јавноста не го перципираат како закана за секуларниот карактер на државата.
Напротив, религиското образование се препознава како можност за развивање толеранција, социјална емпатија и меѓукултурна чувствителност, особено во мултиетничко и мултирелигиско општество какво што е македонското.
Истражувањето истовремено посочува и на слабостите на сегашниот систем.
Меѓу нив се издвојуваат кадровските прашања, потребата од соодветно подготвени наставници и малиот фонд на часови.
Како важно решение се посочува ангажирањето дипломирани теолози со дополнителна методско-педагошка подготовка, со цел да се обезбеди баланс меѓу познавањето на религијата и современите педагошки стандарди.
Од манастирските училишта до современа Македонија
Посебно поглавје е посветено и на историскиот развој на религиското образование на македонскиот простор.
Авторката го следи патот од црковно-манастирските ќелијни училишта, преку периодот на идеолошката атеизација и марксистичкиот материјализам во социјалистичка Југославија, до обновувањето на религиозниот живот по независноста на Македонија во 1991 година.
Преку овој историски контекст се анализираат и причините за денешниот однос на институциите и општеството кон присуството на религијата во државното образование.
Препораки до образовните институции
Во завршниот дел од монографијата се понудени конкретни препораки до креаторите на образовните политики, Бирото за развој на образованието, педагошките институции, научната јавност и верските заедници.
Авторката повикува на институционална заштита и натамошен развој на предметот „Етика во религиите“, со цел тој да стане стабилен и научно заснован дел од македонскиот образовен систем.
Основниот заклучок на студијата е дека познавањето на религиите и нивните етички системи, доколку се изучува професионално и без индоктринација, не мора да биде фактор на поделби, туку може да придонесе за подобро разбирање и општествена кохезија.
Рецензентот проф. д-р Александар Спасеновски ја оценува монографијата како сериозен придонес кон македонската научна и стручна литература, нагласувајќи ги нејзината компаративна широчина, интердисциплинарност и практична применливост.
Проф. д-р Анета Јовковска, пак, истакнува дека една од вредностите на трудот е обидот да се покаже дека секуларната држава и религиското образование не мора да бидат спротивставени категории, доколку образовниот процес е заснован врз научни, педагошки и етички принципи.
Монографијата е објавена во печатена и електронска форма, а електронското издание е бесплатно достапно преку официјалната интернет-страница на Бигорскиот манастир.
Изданието има и поширока регионална и меѓународна достапност. Преводот на германски јазик е изработен од Ивана Арнаудова, а преводот на албански јазик од Бранка Љубиноска.
Извор: Бигорски манастир