Со свечени архиерејски богослужби, причестување на верниот народ и традиционално благословување на новиот лозов плод, на 19 август во повеќе епархии на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија беше прославен големиот Господов празник Преображение на Господ Исус Христос.
Во храмовите и манастирите низ Македонија, свештенството и верниот народ молитвено се потсетија на настанот на гората Тавор, каде Господ Исус Христос пред Своите ученици Петар, Јаков и Јован ја откри Својата Божествена слава.
Водоча
Викарниот Епископ Стобиски г. Јаков отслужи Света Божествена Литургија во манастирот „Покров на Пресвета Богородица и Свети Леонтиј Ерусалимски и Струмички“ во Водоча.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.
Зрзе
Во манастирот „Преображение Господово“ во Зрзе, со Светата Божествена Литургија чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски г. Петар, во сослужение на Епископот Хераклејски г. Климент, архимандритот Атанасиј (Арсовски), протоереите-ставрофори Никола Грамбозов и Трајко Босеовски, игуменот Мојсеј (Тодоровски) и протоѓаконот Драган Ѓеоргиевски.
Верниот народ се причести со Светите Христови Тајни, а по завршувањето на Литургијата, согласно со древната црковна традиција, беше извршено осветување на новиот лозов плод.
Крушево
Празникот Преображение Господово беше одбележан и во манастирот „Свето Преображение Господово“ во Крушево.
Според официјалниот богослужбен распоред на Крушевско-демирхисарската митрополија, на 19 август беше предвидена Света Литургија со Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован, во сослужение на протоереите Тони Кузманоски и Павле Лапоски.
Во пресрет на празникот во манастирот беше предвидена и празнична Вечерна богослужба.
Гостивар
Митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф, во сослужение со Митрополитот Австралиско-новозеландски г. Никола, богослужеше Света Литургија во храмот во изградба посветен на Преображение Господово во населбата Циглана во Гостивар.
На Литургијата присуствуваше многуброен верен народ, кој пристапи кон Светите Тајни, а по богослужбата беше благословен новиот лозов плод – грозјето.
Во празничната беседа Митрополитот Јосиф потсети на повикот кон лично преображение, покајание и духовен подвиг, а се осврна и на изградбата на новиот храм.
„Дај Боже набрзо да го довршиме и осветиме овој велелепен храм кој е наша Гора Таворска, наше место на мир и духовна радост“, порача Митрополитот Јосиф.
На богослужбата присуствуваше и вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој по повод празникот порача:
„Македонскиот народ гради храмови Божји насекаде по нашата земја. Да се множат вакви убави дела.“
Бигорски манастир
Празникот свечено беше прославен и во Бигорската Обител, каде со Светата Божествена Литургија чиноначалствуваше Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение со свештенослужителите од манастирот.
Околу Светата Трпеза се собраа монашкото братство, сестрите од Рајчица и Пречиста и многубројни верници.
Во празничната беседа Епископот Партениј нагласи дека на Тавор Христос не примил нешто што претходно го немал, туку на учениците им било дадено, според мерата на нивните човечки сили, да ја видат Неговата вечна Божествена слава.
„Не Он се преобрази во апсолутна смисла, како да примил нешто што претходно го немал. Он е Бог, извор и полнота на светлината… Учениците се преобразија“, истакна Епископот Партениј.
Тој посочи дека Таворската светлина не му се дава на човекот за да побегне од светот, туку за преобразен да се врати во него – помилостив, потивок, потрпелив и подготвен да го понесе товарот на својот ближен.
Штип
Во соборниот храм „Св. Николај“ во Штип, Митрополитот Брегалнички г. Иларион отслужи Света Архиерејска Литургија во сослужение на свештенослужители од Брегалничката епархија.
На крајот од Божествената Литургија, со благослов на Митрополитот Иларион, пригодна беседа одржа протоереј-ставрофор Влатко Мирасчиев, архиерејски намесник на Штипското намесништво.
Митрополитот Иларион го благослови и новиот лозов плод.
Делчево
Во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Делчево беше отслужена Света Божествена Литургија со која чиноначалствуваше Епископот Делчевско-каменички г. Марко, во сослужение на свештенослужители од Европската, Австралиско-новозеландската и Делчевско-каменичката епархија.
По прочитаното Свето Евангелие, Епископот Марко одржа поучно слово за значењето на Таворската светлина и преображението на човековата душа.
Беше извршено и традиционалното осветување на новото грозје, а голем број верници пристапија кон Светите Божествени Дарови.
Берово
Божествена Литургија на празникот Преображение Господово беше отслужена во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“ во Берово, каде присуствуваше и игуменот Фотиј.
По повод празникот, Митрополитот Струмички г. Наум во своето слово „Conditio sine qua non – Услов без кој не се може“ го истакна Преображението како суштински настан во духовниот живот на човекот и во целиот Домострој на спасението.
Тој нагласи дека преку Крштението човекот го прима „залогот на светото Преображение“, а целта на христијанскиот живот е таа благодат да се активира преку очистување на срцето од страстите, молитвата и животот во Црквата.
„Само лично усвоеното Преображение ни ги отвора вратите за лично учество во сите останати настани од Домостројот на спасението – и нивно познание“, порача Митрополитот Наум.
Маркова Сушица
Епископот Дремвитски г. Давид на празникот Преображение Господово богослужеше во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Маркова Сушица.
Во својата беседа тој говореше за човековиот повик кон обожение и созерцување на несоздадената Божествена светлина.
„Човекот е создаден да ја созерцува несоздадената светлина, да ја прима во себе и да ја предава на други луѓе“, истакна Епископот Давид, повикувајќи се на Свети Максим Исповедник.
Тој ги наведе и зборовите на Свети Симеон Нов Богослов:
„Не велете – луѓе светлост Божеска не зерцаат и невозможно е тоа во сегашниве времиња!… Никогаш тоа не е невозможно, пријатели, туку сосем е возможно за тие што сакаат“.
Со молитва, Света Евхаристија и благословување на новиот лозов плод, празникот Преображение Господово и годинава беше торжествено прославен во повеќе епархии на МПЦ-ОА, потсетувајќи на повикот упатен кон секој христијанин – преку верата, покајанието и Божјата благодат да го преобразува својот живот во Христа.