Неговото Блаженство, Патријархот на Ерусалим г.г. Теофил, упати порака Божик да се празнува „рибарски, а не аристотелски“, односно духовно, а не световно и материјално, за време на музичка манифестација организирана од хорот на Арабската Грчко-православна заедница од Беџала, во денови на сериозни искушенија за Светата Земја.
Како што истакна Првоерархот на Сионската Црква, псалмопеењата и химните донесоа вистинска духовна радост и надеж, нагласувајќи ја потребата од единство и утеха во тешките околности низ кои минува регионот.
Патријархот Теофил подвлече дека настанот одекнува со две суштински пораки: прво, надежта во „изгрејсонцето на Правдата“ – Христос, и второ, единството во Христовиот Дух, според зборовите на апостол Павле дека „нема веќе Јудеј ниту Елин… зашто сите сте едно во Христос Исус“ (Гал. 3,28).
На крајот од манифестацијата, Заедницата од Беџала му врачи почесни плакети на Неговото Блаженство и на други личности кои придонесоа за обновата на параклисот на Свети Никола.
Детали од соопштението на Архиграматијата
Во неделата, на 1/14 декември 2025 година, во храмот „Св. Никола“ во Беџала се одржа музичка манифестација по повод 100 години од основањето на храмот и обновата на долниот параклис посветен на Свети Никола. Настапија хорот на Арабската Грчко-православна заедница од Беџала и хорот на Пресветиот Храм на Воскресението, под водство на протопсалтот, ѓакон п. Евстатиј.
Беа изведени божикни химни на грчки и арапски јазик, пред бројни верници. Настанот беше удостоен со присуството на Патријархот на Ерусалим г.г. Теофил, како и на игуменот на Беџала и Манастирот на Пастирите, архимандрит п. Игнатиј, свештениците п. Павле, п. Јусеф и п. Илија, црковните одборници, градоначалникот на Бетсахур г. Илијас Саид и претставници на Палестинската автономија.
Во своето обраќање, Патријархот нагласи дека псалмопеењето не е стремеж кон убавогласност, туку сведоштво за хармонијата на мислите во душата, потсетувајќи на учењето на свети Атанасиј Велики. Тој повика верните, особено во време на тешкотии, да се исполнуваат со Духот, „говорејќи си со псалми, химни и духовни песни“ (Ефесјаните 5,18-20), зашто „страдањето раѓа трпение, трпението – искуство, а искуството – надеж“ (Рим. 5,3-4).
Патријархот Теофил им честиташе на организаторите за иницијативата и изрази желба сите да се удостојат да ја празнуваат „Мајката на празниците“ – Рождеството Христово – духовно, а не световно, со ангелскиот возглас: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14).
Извор: orthodoxianewsagency.gr