Ерусалимскиот патријарх Теофил III ја нагласи потребата од зачувување и обновување на единството на Православната црква, предупредувајќи дека човечките слабости и поделбите го поткопуваат нејзиното сведоштво во современиот свет.
Обраќајќи се за време на официјалната посета на бугарскиот патријарх Даниил на Ерусалим, во петокот, на 25 септември 2026 година, патријархот Теофил истакна дека Црквата е повикана да пренесува порака на помирување, надеж и мир во свет погоден од војни и насилство.
„Но ова сведоштво е ослабено од човечката немоќ и поделбите. Затоа, наша должност е неуморно да се трудиме за зачувување и обновување на единството“, изјави тој.
Тој ја опиша неодамнешната посета на патријархот Даниил на Вселенската патријаршија, како и неговото присуство во Ерусалим, како конкретни изрази на неговата посветеност на единството и мирот меѓу помесните православни цркви.
Посетата вклучуваше официјален пречек и поклонение на Светиот гроб. Патријархот Теофил го одликуваше бугарскиот патријарх и со Големиот крст на Редот на витезите на Пресветиот гроб.
Во своите обраќања, двајцата поглавари се осврнаа на историските врски меѓу нивните цркви, на придонесот на Ерусалимската патријаршија за надминување на бугарската схизма и на потребата од мир во Светата земја и во целиот свет.
Официјален пречек и поклонение на Светиот гроб
Бугарскиот патријарх Даниил пристигна на аеродромот „Бен Гурион“ во петокот напладне, каде што го пречекаа патријаршискиот намесник, архиепископот Капитолијадски Исихиј, и великиот драгоман, архимандритот Матеј.
Официјалниот пречек се одржа истото попладне кај Давидовата порта, со почести што му прилегаат на поглавар на православна црква, во присуство на претставници на помесните цркви и на дипломатскиот кор.
Патријархот Даниил и неговата делегација потоа се упатија кон Ерусалимската патријаршија, каде што ги пречека патријархот Теофил, заедно со архијереи и членови на Светогробското братство.
Потоа следуваше свечена литија до храмот на Пресветиот гроб, придружувана од извиднички одреди и од ѕвонењето на црковните камбани.
Двајцата патријарси се поклонија на светиот Камен на помазанието, а потоа се упатија кон Пресветиот гроб.
Таму патријархот Даниил го прочита второто воскресно утринско евангелие на бугарски јазик, по што беше прочитана прозбена молитва.
Потоа, во католиконот, главниот храмски простор на црквата на Пресветиот гроб, беше отслужено славословие, при што двајцата поглавари ги упатија своите први официјални обраќања.
Патријархот Теофил: Посетата е живо сведоштво за православното единство
Во своето прво обраќање во храмот на Пресветиот гроб, патријархот Теофил му посака добредојде на патријархот Даниил во Ерусалим, истакнувајќи го црковното значење на неговата прва посета на Светиот град по изборот на бугарскиот патријаршиски престол.
„Оваа мирна посета на Вашето Блаженство не е само значаен црковен настан, туку е исповедање на нашата заедничка вера и живо сведоштво за единството во Христа на Светата православна црква“, изјави тој.
Патријархот Теофил се осврна и на духовното значење на Светата земја, Голгота и Пресветиот гроб, потсетувајќи на апостолското наследство на Ерусалимската црква и на светиот апостол Јаков, братот Господов, нејзиниот прв архијереј.
Тој ја изрази радоста на Светогробското братство поради присуството на бугарскиот патријарх и се помоли за натамошно зацврстување на братските врски меѓу двете цркви.
Патријархот Теофил повика на обновување на црковното единство
Во своето второ обраќање, одржано во Ерусалимската патријаршија, патријархот Теофил повторно се осврна на прашањето за православното единство, поврзувајќи го со предизвиците со кои се соочува современиот свет.
„Особено денес, во свет што минува низ искушенијата на војните, насилството, збунетоста, очајот и духовното отпадништво, Христовата црква е повикана постојано да сведочи за помирувањето, меѓусебното разбирање, надежта и мирот“, рече тој.
Сепак, предупреди дека човечките слабости и поделбите го поткопуваат ова сведоштво, поради што се неопходни постојани напори за зачувување и обновување на единството.
Затоа ги повика православните цркви неуморно да работат за единството, повикувајќи се на поуката на апостол Павле да се зачува единството на Духот преку врската на мирот.
Патријархот Теофил ја спомена и неодамнешната посета на патријархот Даниил на Вселенската патријаршија, истакнувајќи дека таа, заедно со посетата на Ерусалим, ја покажува неговата грижа за единството и мирот меѓу помесните православни цркви.
Осврнувајќи се на празникот Воздвижение на Чесниот крст, тој го опиша Христовиот крст како симбол на помирување, заедништво и единство.
Патријархот Даниил потсети на придонесот на Ерусалим за надминување на бугарската схизма
Во своето прво возвратно обраќање, во храмот на Пресветиот гроб, патријархот Даниил му се заблагодари на патријархот Теофил за поканата и срдечниот пречек, нагласувајќи дека неговата посета се одвива во дух на мир, братска љубов и почит кон Ерусалимската црква.
„Доаѓаме кај Вас и кај Пресветата Ерусалимска црква во мир!“, изјави тој, објаснувајќи дека целта на посетата е да посведочи за заедничката вера и црковното општење меѓу двете патријаршии.
Бугарскиот патријарх ги истакна вековните врски меѓу бугарскиот народ и Светата земја, посочувајќи дека поклонението на Пресветиот гроб останува една од најценетите традиции меѓу православните христијани во Бугарија.
Тој потсети и на историскиот придонес на Ерусалимската патријаршија за надминување на бугарската црковна схизма.
„Никогаш нема да ги заборавиме миротворниот став и помирителниот придонес на Вашите достојни претходници“, изјави тој, осврнувајќи се на ерусалимскиот патријарх Кирил II и неговиот став на Соборот од 1872 година, како и на подоцнежниот придонес на патријарсите Никодим и Дамјан.
Патријархот Даниил потсети и на посредувањето на Ерусалимската патријаршија во преговорите во 1930-тите години, кое придонело за конечното надминување на схизмата на 22 февруари 1945 година.
Тој му оддаде почит на упокоениот неврокопски митрополит Борис, кој го посетил Ерусалим и учествувал во тие преговори, цитирајќи извадок од писмо што во 1933 година му го упатил на птолемаидскиот митрополит Келадион.
Бугарскиот патријарх потврди дека неговата Црква и понатаму со благодарност го чува споменот за поддршката добиена од Ерусалимската патријаршија и ја изрази својата желба за продолжување на соработката меѓу двете цркви.
Патријархот Даниил повика на мир во Светата земја и во целиот свет
Патријархот Даниил се осврна и на судирите што ги погодуваат Светата земја и другите региони, нагласувајќи ја потребата Православната црква заеднички да сведочи за човечкото достоинство и вредноста на човечкиот живот.
„Денес искрено и усрдно се молиме за мир и добра волја меѓу сите народи и верски заедници во Светата земја, како и за целиот свет, кој минува низ искушенијата на судирите и крвавите пресметки“, изјави тој.
Додаде дека средбата е уште една можност двете цркви заеднички да се обратат во одбрана на човекот.
„Оваа наша средба ни дава уште една можност заеднички да го кренеме гласот на Светата православна црква во одбрана на достоинството на човечката личност и вредноста на човечкиот живот“, нагласи тој.
Патријархот Даниил изрази надеж дека посетата ќе го зацврсти црковното единство и ќе ја покаже заедничката грижа на православните цркви за светот.
Во своето второ обраќање, тој повторно се помоли за мир, особено за оние што страдаат од војни, насилство, разурнување, несигурност и страв.
Изрази надеж дека Христовиот крст, кој го опиша како оружје на мирот, ќе ги води верниците кон помирување, братска слога и зачувување на единството на Црквата.
Патријархот Даниил го прими Големиот крст на Светиот гроб
По обраќањата во храмот на Пресветиот гроб, двајцата патријарси се поклонија на Голгота, а потоа со литија се вратија во Ерусалимската патријаршија, каде што повторно разменија поздравни обраќања.
Во своето второ обраќање, патријархот Теофил се осврна на вековното христијанско наследство на Бугарија и на значењето на празникот Воздвижение на Чесниот крст.
Потоа ја соопшти својата одлука да го одликува патријархот Даниил со Крстот на Пресветиот гроб, како израз на почит и братска љубов кон бугарскиот патријарх и неговата Црква.
Патријархот Теофил потоа му го врачи на патријархот Даниил Големиот крст на Редот на витезите на Преасветиот гроб. Неврокопскиот митрополит Серафим и мелничкиот епископ Герасим исто така беа одликувани со знаците на голем командор на истиот ред.
Патријархот Даниил се заблагодари за одликувањето, опишувајќи го како израз на братската љубов на Ерусалимската патријаршија кон целата Бугарска православна црква.
Тој додаде дека одликувањето ќе остане траен спомен на нивната средба и на заедништвото во Христа меѓу нивните цркви.
Двајцата поглавари разменија и подароци, потврдувајќи ги долгогодишните братски врски меѓу нивните патријаршии.
Првиот ден од официјалната посета заврши со вечера во хотелот „Нотр Дам“, приредена од патријархот Теофил во чест на патријархот Даниил и неговата делегација.
Извор: orthodoxtimes.com