Силни реакции во Марсеј предизвика скулптура на која распнатиот Христос е прикажан како во рацете држи два автомати „Узи“, поставена во рамки на изложба посветена на уличната уметност.
Делото, кое првично било поставено на отворен простор и било видливо од јавните површини, по реакциите било преместено во внатрешноста на изложбениот простор. Организаторите одлуката ја образложиле и со стравување дека скулптурата би можела да биде оштетена.
Автор на делото е францускиот уметник Џејмс Коломина. Скулптурата е висока околу два метра, изработена е од смола и целосно обоена во црвено. Насловена е „Tu ne tueras point“ („Не убивај“) и е изложена во „L’Aérosol Marseille“, простор посветен на street art и хип-хоп културата, сместен во поранешна фабрика за сапун во северниот дел на Марсеј.
И покрај реакциите од Католичката црква и локалната епархија, делото не е отстрането од изложбата. Наместо тоа, повеќе не се наоѓа на отворено, туку е преместено во затворениот дел на „L’Aérosol Marseille“, каде што и понатаму е достапно за посетителите.
Според програмата, скулптурата треба да остане изложена до 1 ноември.
Овој случај повторно ја отвори дебатата во Франција за границите меѓу уметничката слобода и навредувањето на верските чувства.
Реакциите се појавуваат и во контекст на контроверзиите што ги предизвика церемонијата на отворањето на Олимписките игри во Париз, кога една од сцените беше протолкувана од дел од христијанската јавност како исмевање на Тајната вечера.
Новата контроверзија во Марсеј повторно го поставува прашањето за односот на современата европска култура кон христијанските симболи и за тоа каде завршува уметничката провокација, а каде започнува навредувањето на верата и чувствата на верниците.
Извор: Orthodoxia News Agency