Јордан започна со официјални подготовки за големото одбележување на 2.000-годишнината од Крштението на Господ Исус Христос, која ќе биде одбележана во 2030 година на местото Ал-Магтас, на реката Јордан, каде според христијанското предание Христос бил крстен од свети Јован Крстител.
Во понеделникот, 10 август, јорданскиот премиер Џафар Хасан претседаваше со првиот состанок на Националниот комитет за подготовка на прославата на вториот милениум од Крштението Христово.
Во комитетот членуваат владини министри, црковни великодостојници, претставници на локалните заедници и на институциите кои ќе бидат вклучени во подготовката и организацијата на јубилејот.
Премиерот Хасан нагласи дека подготовките треба да започнат веднаш, во согласност со насоките на јорданскиот крал Абдула Втори и со иницијативата на Советот на црковните поглавари во Јордан.
Според него, одбележувањето на два милениума од Крштението Христово го истакнува историското и верското значење на Јордан и неговата улога како едно од најважните места за христијанско поклонение во светот.
Тој истакна дека прославата истовремено ќе ја пренесе пораката на Јордан за соживот, почитување на другиот, мир, љубов и човечко братство.
Јорданската влада најави дека ќе ги стави на располагање сите потребни ресурси за подготовка на јубилејот, кој го гледа и како можност дополнително да ја зацврсти позицијата на земјата како место со исклучително богато библиско и христијанско наследство.
Во рамките на подготовките се планирани и повеќе големи проекти во непосредна близина на местото на Христовото Крштение. Меѓу нив се изградба на интегрирано село за христијански поклоници и посетители, музеј посветен на Крштението Христово, зелен коридор, како и значително подобрување на инфраструктурата во целиот комплекс.
На состанокот било договорено да се формираат и специјализирани поткомитети, во кои ќе бидат вклучени експерти од различни области, со цел подготовките да одговараат на историското и духовното значење на јубилејот.
Националниот комитет го предводи премиерот на Јордан, а во него членуваат министрите за владини комуникации, внатрешни работи, дигитална економија и претприемништво, како и за туризам и антиквитети.
Меѓу црковните претставници се и грчкиот православен архиепископ на Јордан, г. Христофор Аталa, латинскиот патријаршиски викар во Јордан, архиепископот д-р Ијад Твал, англиканскиот архиепископ Хосам Наум и поранешниот лутерански епископ Муниб Јунан.
Ал-Магтас, познат и како „Витанија отаде Јордан“, се смета за местото на кое свети Јован Крстител го крстил Господ Исус Христос и денес претставува едно од најзначајните христијански поклонички места на Блискиот Исток.
Извор: https://www.vaticannews.va/