22 август од 2019 година, со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации, е прогласен за „Меѓународен ден на сеќавање на жртвите на насилство врз основа на религија или верување“.
Воспоставувањето на овој ден има за цел силно да ги осуди сè позачестените насилства и терористички акти извршени врз основа на религиозна припадност или верување.
Според најновиот меѓународен извештај „World Watch List“ на организацијата Open Doors за 2026 година, христијаните и оваа година се најпрогонуваната верска група во светот, при што повеќе од 388 милиони христијани се изложени на високи нивоа на прогон и дискриминација поради својата вера.
Насилството врз христијаните во бројки
Во текот на периодот опфатен со извештајот за 2026 година:
- 4.849 христијани биле убиени;
- извршени биле 3.632 напади врз цркви и христијански имоти;
- 4.712 христијани биле затворени.
Според податоците, еден од седум христијани во светот е изложен на прогон, додека во Африка се прогонува еден од пет христијани, а во Азија двајца од пет христијани.
Во извештајот се наведува:
„Вкупниот број христијани убиени поради својата вера се зголеми од 4.476, колку што беа регистрирани во World Watch List за 2025 година, на 4.849 во периодот опфатен со извештајот за 2026 година. Огромното мнозинство од нив се од супсахарска Африка. Од вкупно 4.849 жртви, 4.491 се регистрирани во овој регион — шокантни 93 проценти од вкупниот број во светот. Од нив, 3.490 се христијани од Нигерија, во споредба со 3.100 претходната година. Христијаните ја платија највисоката цена за следењето на Христос и во Мјанмар, Мексико и Сирија.“
Особено во однос на Сирија, извештајот на Open Doors наведува:
„Најголемиот скок на овогодишната World Watch List го бележи Сирија, која од 18. место минатата година се искачи на 6. место, што е убедливо најголемото напредување на листата. Главната причина е насилството врз христијаните — нападите врз цркви и убиствата на христијани — а особено нападот врз црква во Дамаск во јуни 2025 година, во кој загинаа 22 лица, а 63 беа повредени.“
Антихристијанското насилство во супсахарска Африка добива застрашувачки размери
Во извештајот се нагласува дека:
„Супсахарска Африка е епицентарот на насилството врз христијаните, каде што илјадници христијани ги губат своите животи затоа што Го следат Исус Христос.
Огромниот број христијани во 14-те земји од супсахарска Африка кои се вклучени во World Watch List покажува зошто овој регион претставува едно од главните жаришта на прогон.
Нигерија е шестата најнаселена земја во светот, а Етиопија е единаесеттата. Заедно имаат повеќе жители од Соединетите Американски Држави.
Во овие 14 земји живеат повеќе од 721 милион луѓе, од кои речиси половината се изјаснуваат како христијани.
Еден од осум христијани во светот живее во овие 14 земји од супсахарска Африка кои се наоѓаат на World Watch List за 2026 година.“

Десетте земји во кои христијаните се најмногу прогонувани
- Северна Кореја
- Сомалија
- Јемен
- Судан
- Еритреја
- Сирија
- Нигерија
- Пакистан
- Либија
- Иран
Извор: https://www.opendoors.org/