Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј во неделата, 23 август 2026 година, началствуваше на Божествената Литургија по повод Одданието на празникот Успение на Пресвета Богородица, отслужена во урнатините на историскиот манастир „Пресвета Богородица Фанеромени“ во Кизик.
Со Вселенскиот патријарх сослужуваа Митрополитот Смирненски г. Вартоломеј и Епископот Аматунтски г. Николај од Православната црква на Кипар.
На богослужбата присуствуваа Митрополитот Старец Халкидонски г. Емануил, Архиепископот Американски г. Елпидофор, Митрополитот Силивриски г. Максим, свештенство, монаси, архонти на Вселенската патријаршија, потомци на бегалци од Артаки, како и поклоници од Цариград и Имврос.
Присуствуваа и градоначалникот и заменик-градоначалникот на Ердек, како и други претставници на локалните власти.
По завршувањето на Литургијата, патријархот Вартоломеј отслужи трисагија за покој на душата на блаженоупокоениот патријарх Јоаким III, кој на манастирот му доделил статус на Патријаршиски ставропигијален манастир, како и за сите што низ вековите служеле на ова свето место.
„По 93 години молк повторно дојдовме тука“
Во своето обраќање, видливо трогнат, Вселенскиот патријарх се осврна на повторното поклонение во урнатините на некогаш величествениот манастир, кој бил значајно духовно средиште за православните христијани од Артаки и поширокиот регион.
„Бог дозволи и оваа година да дојдеме во историскиот Кизик и да го прославиме Одданието на чесниот празник на преславното Успение и преселување на небесата на преблагословената Владичица наша Богородица и Секогаш Дева Марија. Каква благодат! Каков благослов! Каква радост и веселба!
Тука, меѓу светите урнатини на древниот манастир Фанеромени во Кизик, за првпат по трагичната 1922 година дојдовме во 2015 година и го прославивме празникот на Фанеромени по 93 години молк.
И денес повторно сме тука! Исполнети со надеж, побожност и умиление, со целата желба на нашите души насочена кон Богомајката, која на човештвото му Го дарува Богочовекот“, рече патријархот Вартоломеј.

Чудотворната икона на Фанеромени се чува во Фанар
Вселенскиот патријарх потсети дека чудотворната икона на Пресвета Богородица Фанеромени, која некогаш се наоѓала во манастирот, веќе околу еден век се чува во Фанар.
„Кога стоиме на маченичкиот патријаршиски престол во Сечесниот Патријаршиски храм, пред нас ја гледаме прочуената икона на Фанеромени, која веќе еден век престојува во Фанар.
Таа ги прима тајните воздишки на нашето патријаршиско срце. Таа ги слуша нашите молитви и прозби за Големата Црква, за православието низ целиот свет, за човекот кој страда и за мирот во целиот свет.
Фанеромени е наше прибежиште и наша поткрепа“, истакна патријархот.

„Овие урнатини зрачат со благодат и осветување“
Говорејќи за денешната состојба на манастирот, патријархот Вартоломеј нагласи дека неговите урнатини остануваат сведоштво за вековното православно присуство и духовност на тоа место.
„Овие урнатини околу нас зрачат со благодат и осветување. Тие се свети остатоци од жива побожност, тивки, но истовремено и силни проповедници на Христовите величија и на добрините што Пресвета Богородица ги излеала врз нашите отци.
Мисловно ја целиваме секоја педа земја, секој камен, секое зрно малтер и секој остаток од ќерамида, зашто сè ја носи благодатта на Фанеромени“, рече Вселенскиот патријарх.
Одданието на Успението – „Пасха на летото“
Во продолжение тој се осврна и на народниот назив „Деветини на Богородица“, кој се користи за Одданието на празникот Успение на Пресвета Богородица.
„Народната побожност зборува за ‘Деветини на Богородица’. Но, Пресвета Богородица, се разбира, нема потреба од помен. Таа непрестајно нè принесува во спомен пред Својот Син – сите нас, сите христијани и целото човештво.
Затоа не славиме ‘деветдневен помен’, туку светлото Оддание на овој голем Богородичен празник, кој со право го нарекуваме ‘Пасха на летото’“, нагласи патријархот Вартоломеј.
Молитви за мир и за православните цркви
Вселенскиот патријарх упати молитви за мир во светот, за стабилност на помесните православни цркви и за просветлување на оние што ја носат одговорноста за судбината на народите.
„Нека бидат услишани нашите молитви за смирување на вознемирениот свет, за утврдување на светите Божји Цркви и за просветлување на оние во чии раце се наоѓаат судбините на народите“, рече патријархот Вартоломеј.
На крајот, тој им се заблагодари на сите што придонеле за организирањето на богослужбата, а на турски јазик им изрази благодарност и на локалните власти за дозволата и помошта при одржувањето на Божествената Литургија во историскиот манастирски комплекс, кој денес е обраснат со густа вегетација и шума.

Извор: https://www.orthodoxianewsagency.gr/