Во селото Хриси, во Мегленската област во северна Грција, на 12 октомври свечено беа пречекани моштите на Света Злата Мегленска, новомаченичка која се почитува и во македонската православна традиција. Настанот се одржа во пресрет на нејзиниот празник, кој во Грција се одбележува на 13 октомври, додека Македонската православна црква – Охридска архиепископија го празнува нејзиниот спомен на 26 октомври, односно 13 октомври по стар стил.
Свечениот пречек започна во 18 часот. На влезот во селото Хриси, каде што според црковното предание Света Злата е родена и пострадала, моштите ги презеде свечена поворка од монахињи, која со почесна придружба ги пренесе до парохискиот храм посветен на светителката.
Пред храмот моштите ги пречекаа надлежниот митрополит Едески г. Јоил, митрополитот Навпактски г. Јеротеј, како и епископите Главински г. Макариј, Амфиполски г. Христофор и Алмописки г. Стефан, во присуство на бројни свештенослужители од Едеската митрополија и од други делови на Грција.
Со вечерната богослужба чиноначалствуваше митрополитот Јеротеј, кој во својата беседа зборуваше за значењето на почитувањето на светителите и за луѓето кои со своите дела ја покажуваат љубовта кон Христос и Неговите светии.
Животот и почитувањето на Света Злата
Според нејзиното житие, Света Злата Мегленска живеела кон крајот на XVIII век, во времето на османлиското владеење. Била изложена на големи страдања затоа што одбила да се откаже од христијанската вера и да премине во ислам. И покрај притисоците и мачењата, останала непоколеблива во верата, за што маченички пострадала во 1795 година.
Нејзиното житие го запишал Свети Никодим Светогорец, благодарение на кого сведоштвото за нејзиното мачеништво било зачувано во православното предание.
Во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, споменот на Света Злата Мегленска се празнува на 26 октомври, односно 13 октомври според стариот календар.
Почитувањето на светителката е присутно и во современиот духовен и културен живот во Македонија. Нејзиното име го носи познатиот женски камерен хор „Света Злата Мегленска“ од Скопје, основан во 1996 година при Македонската православна црква, кој со своите настапи ја негува и промовира православната духовна музика.
Откривањето на моштите и нивното значење
Свечениот пречек следува по објавувањето на резултатите од испитувањата на човечки останки пронајдени во близина на урнатините на стар храм во областа Хриси.
Според Едеската митрополија, научните испитувања покажале дека станува збор за останки на млада жена, на возраст од околу 17 години, кои се датираат во периодот на нејзиното мачеништво, односно околу 1795 година.
Црковните власти сметаат дека овие наоди се совпаѓаат со податоците од житието на Света Злата, поради што останките ги поврзуваат со светителката.

Порака за љубовта кон светителите
Во својата беседа, митрополитот Јеротеј се осврна на четири примери на особена љубов кон светителите, поврзани со почитувањето на Света Злата.
Најнапред го спомена Свети Никодим Светогорец, кој со запишувањето на нејзиното житие придонел за зачувување на споменот на светителката, како и на другите новомаченици од времето на османлиското владеење.
Потоа се осврна на Свети Калиник, поранешниот митрополит Едески, кој го поттикнал воспоставувањето на празнувањето на Света Злата и ја започнал изградбата на храм посветен на неа.
Како трет пример го посочи сегашниот митрополит Едески г. Јоил, кој ја составил богослужбената служба на светителката, го осветил нејзиниот храм и за време на чие архиерејско служење биле откриени моштите.
На крајот ги пофали и верниците од Едеската митрополија за нивната љубов кон Црквата и светителите.
Митрополитот Јеротеј нагласи дека Света Злата претставува пример за искрена и непоколеблива љубов кон Христос и ги повика верниците да останат верни на црковното предание, на верата и на Божјите заповеди.
„Да стекнеме златен разум, златни мисли, златно срце и златен живот и да го прославуваме името на Светиот Бог“, порача митрополитот.
На свеченоста присуствуваа голем број верници, како и претставници на државните и локалните власти во Грција.
Празнувањето продолжи на 13 октомври, кога во храмот посветен на Света Злата беше отслужена празнична утрена богослужба и соборна архиерејска литургија, на која верниците имаа можност да се поклонат пред моштите на светителката.
Според најавите на Едеската митрополија, во текот на целата седмица во храмот ќе се служи Божествена литургија, а црквата ќе биде отворена за верниците во текот на целиот ден.
Повеќе фотографии од свеченоста (ФОТО)
Извор: Orthodoxia News Agency, со дополнителни информации од православниот календар на МПЦ – ОА.