
Свештеник кој јавно ја осудува руската воена агресија врз Украина и се спротивставува на политизацијата и милитаризацијата на Руската православна црква, осуден е на четири години затвор во Казахстан. Неговиот адвокат случајот го оценува како политички прогон.
На 7 октомври 2026 година, судот во Алмати го осуди 40-годишниот православен свештеник Јаков Воронцов на шест години затвор под обвинение за поседување наркотични супстанции. По примената на амнестија, казната беше намалена на четири години.
Отец Јаков, кој претходно служел во јурисдикција на Московската патријаршија, уште од почетокот на руската инвазија јавно се спротивставува на војната против Украина, бранејќи го правото на украинскиот народ на слобода и независност.
Во 2023 година, епархиските власти на Руската православна црква донеле одлука за негово расчинување. Потоа тој се обидел да основа независна православна заедница под духовно раководство на Вселенската патријаршија. Казахстанските власти двапати го одбиле барањето за регистрација на заедницата.
„Се спротивставував на милитаризацијата на Црквата“
Во своето писмо од затворот, отец Јаков истакнува:
„Веќе долго време отворено и јавно се спротивставувам на воената агресија, поддржувајќи ја Украина во нејзината борба за слобода и независност. И денес останувам на тие убедувања.
Долго време храбро и јавно се спротивставував на политизацијата и милитаризацијата на Руската православна црква, се борев против клерикалниот деспотизам и самоволието на архијереите — против оние зла што ја уништуваат Црквата однатре.“
Обвинувања за монтиран процес и повреда на верската слобода
На 13 февруари 2026 година, специјални полициски единици извршиле претрес во домот на свештеникот, при што наводно биле пронајдени 2,44 грама наркотична супстанција.
Отец Јаков тврди дека супстанциите му биле подметнати, додека неговата одбрана укажува на сериозни неправилности во истрагата и недостиг од докази дека тој знаел за нивното постоење.
Свештеникот бил подложен и на присилно психијатриско испитување, по кое лекарите утврдиле дека нема психички нарушувања и дека не постои основа за задолжително лекување.
Судскиот процес бил затворен за јавноста, и покрај противењето на одбраната. Адвокатот Галим Нурпеисов ја оцени пресудата како незаконска и ја опиша како „политички прогон“.
„Страдам поради моите убедувања и слободата на совеста“
Во писмо од затворот, свештеникот порачува:
„Бев обвинет за поседување синтетички дроги што никогаш не сум ги користел, ниту сум ги допрел. Имам многу гревови за кои би сметал дека казната е праведна. Но Бог допушти да бидам казнет не за вистинска вина, туку поради подмолност, да бидам прогонет заради вистината, да страдам поради моите убедувања и слободата на совеста.“
И покрај пресудата, отец Јаков не се откажува од своите ставови и продолжува да бара правда преку жалбена постапка.
Неговиот случај го отвора поширокото прашање за слободата на совеста, правото на свештенослужителите да ја осудуваат војната и односот на црковните институции кон свештениците што одбиваат да ја поддржат воената политика.
Извор: Forum 18, автор: Феликс Корли, 23 октомври 2026 година — forum18.org