Архиепископот Кипарски Георгиј му даде на Тихик рок од приближно десет дена за да договори средба со него, предупредувајќи дека, доколку не се постигне напредок, Светиот синод повторно ќе заседава за да го разгледа ова прашање.
Во изјава за новинарите по одржувањето на поменот за покојниот архиепископ Хризостом II, архиепископот Георгиј нагласи дека Кипарската православна црква не може да остане во состојба на долготрајна неизвесност.
Тој објасни дека Тихик првично побарал средба преку посредници, пред неодамнешното заседание на Светиот синод. Иако архиепископот се согласил на средбата, Тихик, според неговите зборови, не одговорил по враќањето на Кипар.
„Црквата не може да продолжи да живее во ваква неизвесност“, изјави архиепископот Георгиј, нагласувајќи дека дури и епископ на кого му е забрането вршењето на епископската служба останува одговорен пред Светиот синод.
Тој повтори дека одлуките што се однесуваат на управувањето со Црквата се донесуваат соборно, истакнувајќи:
„Со Црквата не управува еден човек, туку Синодот.“
Архиепископот ги изложи и условите под кои на Тихик би можело да му биде понудена должност во рамките на Светата архиепископија.
Меѓу овие услови е и формалното откажување од ставовите со кои се доведува во прашање православноста на Вселенскиот патријарх, како и од ставовите со кои се отфрла Светиот и Велик собор одржан на Крит.
Според архиепископот Георгиј, Тихик треба да ги повлече и обвинувањата за финансиски неправилности во Митрополијата, како и официјално да го разјасни својот став преку црковна изјава.
Осврнувајќи се на информациите за здравствената состојба на Тихик, архиепископот откри дека Светиот синод примил факс во кој се наведувало дека тој не бил во можност да отпатува на Кипар поради болест и лекарска препорака да избегнува ситуации што би можеле да предизвикаат емоционална вознемиреност.
Архиепископот го постави прашањето како Тихик, и покрај наведените здравствени ограничувања, сепак успеал да се врати на Кипар.
На крајот, архиепископот Георгиј истакна дека Црквата ќе почека конкретен одговор пред да одлучи за своите следни чекори.
Извор: sigmalive.com