Ликот на поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископот г. г. Стефан, е искористен во видеосодржина на социјалната мрежа Фејсбук за промоција на наводен „народен лек“.
Видеото отвора сомнежи за злоупотреба на идентитетот и авторитетот на црковниот поглавар во рекламни цели, со што кај граѓаните може да се создаде погрешен впечаток дека архиепископот Стефан го поддржува или препорачува производот.
Спорната видеосодржина е поврзана со Фејсбук-страница со назив „Free Heels“, чиј профил е достапен на социјалната мрежа. Засега не е познато кој управува со страницата, ниту кој стои зад изработката и објавувањето на видеото.
Особено загрижува можноста корисниците, верувајќи дека станува збор за вистинска препорака од црковниот поглавар, да продолжат со интеракција со страницата или да отвораат линкови поврзани со рекламираниот производ. Таквата интеракција може да претставува потенцијален ризик, особено доколку корисниците бидат пренасочени кон сомнителни веб-страници на кои се бараат лични податоци или информации за плаќање.
Засега нема потврда дека архиепископот дал согласност за користење на неговиот лик. Исто така, не е утврдено дали при изработката на видеото е користена вештачка интелигенција.
Вакви злоупотреби на јавни личности за рекламирање сомнителни медицински препарати веќе се забележани на социјалните мрежи. Во Македонија, „Вистиномер“ претходно документираше повеќе случаи на манипулирани реклами во кои биле искористени познати личности и лекари.
Слични случаи се регистрирани и во православниот свет. Во август годинава Ловчанската митрополија на Православната црква на Бугарија официјално реагираше поради лажна реклама во која со помош на вештачка интелигенција биле злоупотребени ликот и гласот на митрополитот Гаврил.
Граѓаните се повикуваат на внимателност и да не отвораат сомнителни линкови, да не споделуваат лични или банкарски податоци и да не купуваат препарати врз основа на непроверени реклами што го користат авторитетот на јавни личности.
Спорното видео, објавено преку Фејсбук-страницата „Free Heels“, може да се погледне во продолжение: