Вселенскиот патријарх Вартоломеј во четвртокот пристигна во Будимпешта, каде што беше пречекан на Меѓународниот аеродром од митрополитот Австриски и егзарх Унгарски Арсениј, заедно со неговите помошници, епископите Апамејски Пајсиј и Аристиски Максим.
Во име на Владата на Унгарија, Вселенскиот патријарх го пречека заменик-претседателката на Владата и министерка за надворешни работи Анита Орбан.
На пречекот присуствуваа и амбасадорите на Грција и Кипар, Спиридон Вулгарис и Омирос Мавроматис, како и претставник на амбасадорот на Турција.
Веднаш по пристигнувањето, патријархот Вартоломеј го посети Православниот христијански центар за дијалог „Фанарион“ на Вселенската патријаршија, кој се наоѓа во центарот на Будимпешта.
Таму тој се поклони во храмот посветен на Светите Три Ерарси, а потоа ги разгледа просториите на новиот православен центар.
На 5 септември е предвидено Вселенскиот патријарх свечено да ги отвори храмот и Православниот центар.
Во придружбата на патријархот Вартоломеј се и старец-митрополитот Халкидонски Емануил, митрополитот Парамитијски, Филијатски и Гиромериски Серапион, великиот еклисијарх Аетиј, директор на посебниот патријаршиски кабинет, игуменот на светогорскиот манастир Ивирон, архимандрит Натанаил, како и други претставници и службеници на Вселенската патријаршија.
Меѓу нив се и директорот на Канцеларијата за печат и комуникации на Вселенската патријаршија, Николаос-Георгиос Папахристу, како и Темистоклис Караниколас.
Извор: Orthodoxia News Agency