Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, претстоеше на Великата вечерен на навечерието на Благовештение на Пресвета Богородица, во свечено украсениот храм „Евангелистрија“ во Пропода Татаулон.
Божјото слово го проповедаше чесниот ѓакон г. Оикумениј Аманатидис, потсекретар на Светиот и Свештен Синод.
Во своето слово, Патријархот се осврна на празникот Благовештение на Пресвета Богородица, велејќи меѓу другото:
„Овој празник на нашата вера е ден на радост, затоа што Бог станува човек и девојката од Назарет се преобразува во гора, капина, врата, скала, ковчег, божествена трпеза, за да Го донесе Синот Божји во светот. Бог зборува преку ангелот до Дева Марија и преку Неа до целиот свет. Радосната вест дека ќе го роди Спасителот и Искупителот е веста и за нашата радост. Ги отвораме срцата и ѝ благодариме! Ја ублажуваме, како што самата прорече: „отсега ќе ме ублажуваат сите поколенија“. Ја чувствуваме нејзината вредност, ги почитуваме нејзините добродетели и се поклонувааме пред висината на нејзината светост. Нејзиното блаженство одекнува непрестајно, а нејзината слава останува непроменета во вековите.
Друга химна на слава ќе се слушне на земјата по девет месеци: ангелската химна од ноќта на Рождеството: „Слава во висините на Бога и на земјата мир…“. Но тој мир, за жал, денес е загрозен и грубо нарушен во многу делови од светот, најмногу во страдалната Украина и немирниот Блиски Исток.“
Потоа, Патријархот ги повика сите да ѝ се помолат на Пресвета Богородица за да престанат војните што го мачат човештвото:
„Да ја замолиме вечерва со сета топлина нашата Богородица да ги оттурне од нашиот свет војните. Да престане крвопролевањето, ужасите, насилството, нечовечноста! Нејзината добродетел и застапништво може да ја запре злобата на луѓето, затоа што се удостои од Бога да учествува активно во спасението на сите нас. Денес Богородица станува нова земја и ново небо, од каде што изгрева нов свет. Свет на убавина, добродетел и спасение.
Нека се распространи насекаде радоста од воплотувањето на Божјиот Логос, преку која народите ќе напредуваат во слога и братство и ќе чекорат заедно кон постојаната љубов, вистинската правда и посакуваниот мир. Само тие носат трајна и неотуѓива радост за луѓето и народите на земјата, и токму нив ги благовести Црквата: „Радувај се, земјо, со голема радост, пејте небеса, славата Божја!“
Благовештението е утешна поука, глас на надеж, објава на радост, добра вест за Божјата благоволност и мирот на земјата!“
Потоа, Патријархот ја изрази својата патријаршиска благодарност кон митрополитот на Каллиупол и Мадит г. Стефан, надзорник на областа Татаула, за неговата љубов и посветеност кон верниците и кон Мајката Црква. Исто така, ги пофали старешината на храмот, свештеникот г. Филотеј Келепурис, како и управниот одбор на заедницата за нивното дело.
На крајот, Патријархот преку Генералниот конзул на Грција ги испрати своите честитки и благослови до благочестивиот грчки народ по повод националниот празник 25 март, посакувајќи му слога, единство, мир и благосостојба.
Претходно, Патријархот беше пречекан со топли зборови од митрополитот Стефан и од претседателот на заедницата, г. Александрос Меиндан.
На богослужбата присуствуваа митрополити, дипломати и многубројни верници.
Извор: orthodoxianewsagency.gr