Митрополијата на Ксанти и Перитеорион преку медиумите дознала за договорот меѓу Грција и Бугарија за враќање на 48 црковни реликвии. Во своето соопштение таа говори за тајни преговори и оценува дека нејзиното долгогодишно барање било игнорирано „на неприфатлив начин“.
Митрополитот Пантелејмон веќе се обратил до министрите за култура и за надворешни работи на Грција, барајќи да се обезбеди враќање и на сите 50 реликвии од манастирите „Богородица Каламу“ и „Богородица Архангелиотиса“.
Притоа, тој бара нивното враќање да биде „без никаква размена“, бидејќи Митрополијата ги смета за сопственост на двата манастира, одземена со грабеж.
Според соопштението, Меморандумот за разбирање го потпишале на 29 септември 2026 година грчката министерка за култура Лина Мендони и нејзиниот бугарски колега Ефтим Милошев.
Со него е потврден договорот за враќање на 48 реликвии од Бугарија на манастирот „Богородица Икосифиниса“ на Пангај, манастирот „Свети Јован Претеча“ кај Сер и Митрополијата на Сер и Нигрита.
За Митрополијата на Ксанти, меѓутоа, прашањето останува отворено веќе триесет години, од почетокот на архипастирската служба на митрополитот Пантелејмон.
Станува збор за ракописи, старопечатени книги и други црковни скапоцености од двата манастира, кои, според соопштението, биле ограбени при пустошењето на манастирите од бугарските окупациски војски во периодот 1916–1919 година.
Досегашните обиди за нивно враќање, како што наведува Митрополијата, наишле на одбивање од бугарската страна. Таа располага со целосен попис на реликвиите, врз кој го темели своето барање.
Пописот го изработил во 1905 година Хризостом Хаџиставру, тогашен архиѓакон на митрополитот на Драма, Хризостом Калафатис, подоцна митрополит на Смирна и свештеномаченик.
Хаџиставру ги евидентирал сите реликвии. По Малоазиската катастрофа станал митрополит на Филипи, а подоцна и архиепископ на Атина и на цела Грција.
Во меѓувреме, се подготвува средба на митрополитот Пантелејмон со министерката за култура Лина Мендони, посветена на ова прашање.
Извор: ORTHODOXIA INFO