Шведскиот христијански совет го суспендира членството на Православната црква на Русија – Московска патријаршија во Шведска, се наведува во официјалното соопштение на организацијата објавено на 1 октомври 2026 година.
Одлуката била донесена на состанокот на Управниот одбор на Советот на 17 септември.
Како што се наведува во соопштението, со оваа одлука практично се формализира состојбата која меѓу Шведскиот христијански совет и Православната црква на Русија во Шведска постои уште од 2022 година.
Од Советот посочуваат дека, во контекст на руската војна против Украина и односите меѓу руската држава и Московската патријаршија, актуелната безбедносна состојба ја оневозможила соработката со Православната црква на Русија уште од почетокот на војната.
На вонредното годишно собрание на Шведскиот христијански совет во 2026 година биле прецизирани и критериумите за членство.
Според новите правила, секоја црква членка треба да ги поддржува и почитува основните принципи на Советот поврзани со човековото достоинство, мирот, демократијата, недискриминацијата и почитувањето на другите.
Истовремено биле воведени и дополнителни механизми со кои Управниот одбор може да постапува во прашања поврзани со членството, меѓу кои и можноста за суспендирање на членка.
Суспензијата значи дека Православната црква на Русија формално се исклучува од можноста да учествува во активностите на Шведскиот христијански совет, да користи средства што Советот ги распределува и да учествува во неговите процеси на одлучување.
Овие ограничувања ќе останат во сила сè додека Управниот одбор не донесе одлука за укинување на суспензијата.
Од Шведскиот христијански совет оценуваат дека одлуката е неопходна за организацијата да може да продолжи да биде независен глас на црквите во земјата, да ја зајакне сигурноста на останатите членки и да ја зачува довербата во своето работење.
Советот најави дека нема да дава дополнителни изјави во врска со оваа одлука.
Извор: https://www.skr.org/styrelsebeslut-i-medlemsfraga