Делегацијата на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, составена од митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и епископот Хераклејски г. Климент, од 19 до 21 ноември престојуваше во Москва, каде што учествуваше во свеченостите по повод 80-тиот роденден на рускиот патријарх Кирил. Македонските архијереи сослужуваа на свечената Божествена литургија во храмот „Христос Спасител“ и остварија официјална средба со поглаварот на Руската православна црква.
Македонската црковна делегација пристигна во руската престолнина на 19 ноември 2026 година. На московскиот аеродром „Шереметјево“ беше пречекана од архиепископот Пјатигорски и Черкески Теофилакт и претставникот на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, С. А. Бекешченко.
За пристигнувањето на македонските архијереи известија и црковните медиуми „Orthodoxia News Agency“ и „Orthodox Times“, кои делегацијата ја претставија како делегација на Охридската архиепископија.
На 20 ноември, денот кога патријархот Кирил го одбележа својот 80-ти роденден, митрополитот Георгиј и епископот Климент сослужуваа на свечената Божествена литургија во московскиот храм „Христос Спасител“.
На богослужбата учествуваа патријархот Антиохиски Јован X, патријархот Ерусалимски Теофил III, патријархот Московски Кирил, патријархот на Православната црква на Србија Порфириј и митрополитот на Чешките земји и Словачка Ростислав, заедно со бројни архијереи и свештенослужители од помесните православни цркви.
Во официјалниот извештај на Московската патријаршија, меѓу архијереите што сослужувале, посебно се наведени претставниците на Македонската православна црква – Охридска архиепископија: митрополитот Дебарско-кичевски Георгиј и епископот Хераклејски Климент.
По завршувањето на Литургијата, во просториите на храмот „Христос Спасител“ беше организиран свечен прием по повод јубилејот на рускиот патријарх.
Следниот ден, на 21 ноември, македонската делегација оствари официјална средба со патријархот Кирил во Патријаршиската и Синодална резиденција во Даниловиот манастир во Москва.
На средбата, од страна на Руската православна црква, присуствуваа митрополитот Волоколамски Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи, архиепископот Пјатигорски и Черкески Теофилакт, протоерејот Николај Балашов, советник на рускиот патријарх, протоерејот Игор Јакимчук, заменик-претседател на Одделот за надворешни црковни односи, и С. А. Бекешченко.
Поздравувајќи ги македонските архијереи, патријархот Кирил изрази задоволство од нивното присуство и ги истакна словенските корени, кирилометодиевската традиција и духовните врски меѓу двете цркви.
Особено внимание привлече неговата изјава дека ова е првпат македонските архијереи да присуствуваат на ваквите свечености како официјални претставници на Македонската црква, која, според неговите зборови, добила законска автокефалност.
Рускиот патријарх истакна дека односите меѓу Московската патријаршија и МПЦ-ОА активно се развиваат, посочувајќи го школувањето на македонски студенти во руските богословски образовни установи, како и разговорите за идни заеднички проекти.
Митрополитот Георгиј, од своја страна, истакна дека тој и епископот Климент престојуваат во Москва како претставници испратени од архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, за лично да му ги пренесат неговите честитки и желби на рускиот патријарх по повод јубилејот.
Во разговорот, митрополитот Георгиј изрази благодарност за поддршката што Московската патријаршија ја дала во процесот на решавање на црковниот статус на МПЦ-ОА и за доделувањето на автокефалноста од страна на Православната црква на Србија.
Тој се осврна и на дваесетгодишната соработка во областа на богословското образование, нагласувајќи дека македонски студенти кои се школувале во Русија денес работат како професори во богословските образовни установи и во други значајни институции на МПЦ-ОА.
При средбата беа разменети и пригодни подароци. Македонската делегација на патријархот Кирил му подари икона на светите рамноапостолни Кирил и Климент Охридски.
Рускиот патријарх, пак, за архиепископот Стефан испрати две панагии и напрсен крст, додека на митрополитот Георгиј и епископот Климент лично им врачи панагии.
По повод 80-тиот роденден на патријархот Кирил, архиепископот Стефан испрати и официјална честитка, објавена на интернет-страницата на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија.
Во честитката, поглаварот на МПЦ-ОА му упати молитвени желби за здравје, мир, духовна радост и сили за понатамошното патријаршиско служење, осврнувајќи се на неговата долгогодишна црковна дејност.
Посетата на митрополитот Георгиј и епископот Климент, нивното учество во заедничкото богослужение и официјалната средба со патријархот Кирил претставуваат продолжување на контактите меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Руската православна црква.