Заврши снимањето на новата телевизиска серија посветена на животот на Свети Јосиф Исихаст, еден од најзначајните светогорски подвижници на XX век. Серијата, во продукција на Институтот „Свети Максим“, ќе се емитува на грчката телевизија MEGA во текот на претстојната зима.
Новото телевизиско остварување ќе го прикаже животниот пат на светителот, од неговото детство и младоста, па сè до неговиот монашки живот на Света Гора. Посебно внимание ќе биде посветено на светогорското подвижништво, духовните искушенија и умносрдечната молитва.
Гледачите ќе имаат можност да се запознаат и со помалку познатите периоди од неговиот живот, кога како млад Франциск, пред да го прими монашкиот потстриг, работел различни работи за да го издржува своето сиромашно семејство.
Неговото детство и младоста ќе бидат претставени низ обичаите и традицијата на грчкиот остров Парос, каде што пораснал, како и низ животните тешкотии, разочарувањата и искушенијата што ги преживеал, не губејќи ја верата и довербата во Бога.
Главните улоги им се доверени на двајца познати грчки актери. Тасос Лекас ќе го толкува ликот на младиот Франциск, идниот Свети Јосиф, во периодот до неговото замонашување. Улогата на светителот во неговите подоцнежни години, кога веќе достигнал духовна зрелост, ќе ја игра Арис Серветалис.

Сценариото е дело на Јоргос Цакас, а режијата ја потпишува Харис Вафијадис.
Со оваа продукција, животот и духовното наследство на Свети Јосиф Исихаст ќе бидат претставени пред пошироката јавност, преку телевизиско остварување што ќе ја доближи светогорската монашка традиција до современите гледачи.
Извор: Orthodoxia News Agency