Свети Силуан Атонски рекол: „Монахот е молитвеник за целиот свет; плаче за целиот свет; и во тоа се состои неговото главно дело…
Не е дело на монахот да му служи на светот со трудот на своите раце. Тоа е дело на оние што живеат во светот. Луѓето во светот се молат малку, а монахот непрестајно. Благодарение на монасите, молитвата на земјата никогаш не престанува. И во тоа има полза за целиот свет, зашто светот стои преку молитвата; а кога молитвата ќе ослабне, тогаш светот ќе пропадне.
И што може да произведе монахот со своите раце? Ќе заработи нешто незначително за целодневниот труд. Но што е тоа пред Бога? Една мисла угодна на Бога прави чуда. Тоа го гледаме и од Светото Писмо.
Пророкот Мојсеј се молеше умствено, и Господ му рече: Мојсеј, зошто викаш кон Мене? – и Господ ги спаси Израилците од погибел. Свети Антониј Велики му помагал на светот преку молитвата, а не преку рацете свои. Преподобен Сергиј со пост и молитва му помогнал на рускиот народ да се ослободи од татарскиот јарем. Преподобен Серафим се молеше умно, и Светиот Дух слезе врз Мотовилов. Токму тоа е главното дело на монасите.
Но ако монахот е невнимателен и не достигнал до непрестајно созерцание на Бога, тогаш нека им служи на поклонниците и нека им помага на мирјаните со својот труд. И тоа Му е угодно на Бога, но знај дека тоа е далеку од вистинското монаштво.
Светот стои преку молитвите на светиите. И монахот е повикан да се моли за светот со сето свое битие. Во тоа се состои неговото служење и затоа не оптоварувајте го со световни грижи.
Јас самиот сум недостоен да се нарекувам монах. Повеќе од четириесет години живеев во манастир и се чувствувам како почетник-послушник. Но знам монаси кои се блиску до Бога и до Пресвета Богородица. Господ ни е толку близок, поблизок и од воздухот што го дишеме. Воздухот влегува во телото и стигнува до срцето, а Господ живее во срцето на човекот: „ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив… и ќе им бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржител“ (2. Кор. 6, 16–18).
Ете ја нашата радост: Бог е со нас и во нас.
Но дали сите го знаат тоа? За жал, не сите, туку само оние што се смириле пред Бога и ја отсекле својата волја, зашто Бог „на горделивите им се противи“, а живее само во смирено срце. Господ се радува кога се сеќаваме на Неговата милост и кога преку смирението стануваме слични на Него.“
Исто така се вели:
„Од ништо не плаши се, никогаш не плаши се и не тагувај. Само покај се, и Бог сè ќе ти прости. Нема, ниту може да има во светот таков грев што Господ не би му го простил на оној што вистински се кае. Ниту човекот може да направи толку голем грев што би можел да ја исцрпи неисцрпната Божја љубов. Зар може да постои толку голем грев што би ја надминал Божјата љубов?
Грижи се само за покајанието, за непрестајното покајание, а стравот оттурни го сосема од своето срце. Верувај дека Бог те љуби толку многу што ти ни да замислиш не можеш. Те љуби иако си згрешил. Те љуби и во твојот грев.
За еден покајан грешник на небото се радуваат повеќе отколку за илјада безгрешни, рече Христос. Затоа оди и не плаши се. Не огорчувај се на луѓето, не гневи се поради навредите… штом се каеш, значи љубиш. А кога ќе љубиш, тогаш веќе ќе бидеш чедо Божјо.
Љубовта сè очистува, сè спасува. Ако јас, кој сум како тебе грешен човек, се трогнав и ти покажав сочувство, колку повеќе Бог!
Љубовта е нешто бесценето, и со неа можеш целиот свет да го придобиеш, и не само своите, туку и туѓите гревови да ги откупиш. Оди и не плаши се…“
Светиот старец Софрониј од Есекс