Вселенскиот патријарх Вартоломеј во четвртокот, на 17 септември 2026 година, одржа две обраќања во Оксфорд, во кои ги изложи ставовите на Вселенската патријаршија за човековите права и Православната црква.
На покана на Центарот за право и религија при Универзитетот во Оксфорд, патријархот се обрати пред универзитетски професори, правници, верски претставници и истражувачи кои се занимаваат со прашањата на човековите права и верските слободи. Меѓу присутните беше и проректорот на Аристотеловиот универзитет во Солун, Николаос Мангјорос, професор на тамошниот Богословски факултет.
Поздравно обраќање до патријархот упати професорот Питер Петкоф, декан на Правниот факултет и директор на Центарот.
Попладнето истиот ден, во рамките на свеченоста во универзитетската црква „Света Богородица“, патријархот одржа предавање пред раководството на Универзитетот, претставник на британскиот крал и многубројни присутни. Потоа изврши мал водосвет по повод почетокот на новата академска година.
Во негова чест, сер Малколм Еванс, декан на колеџот „Риџентс Парк“, приреди вечера на која присуствуваа членовите на патријаршиската придружба, универзитетски професори, претставници на академската заедница и други поканети гости.
Во петокот наутро, на 18 септември, патријархот ја посети Бодлејанската библиотека при Универзитетот во Оксфорд. Таму Питер Тот, одговорен за грчките збирки, му претстави ретки ракописи што се чуваат во библиотеката.
Потоа патријархот ги посети православните гробишта во градот, каде што на гробот на блаженоупокоениот митрополит Диоклиски Калист (Вер) отслужи трисагија за покој на неговата душа.
Напладне, патријархот и неговата придружба заминаа за патријаршискиот и ставропигијален манастир „Свети Јован Претеча“ во Есекс.
Извор: Orthodoxia News Agency
*