За првпат на големото платно пристигнува приказната што длабоко ги допре срцата на милиони луѓе и предизвика силни емоции низ целиот свет. Филмот за Свети Пајсиј – современ светител на Православието – ја следи неговата животна и духовна патека, исполнета со мудрост, добрина и тивка, но силна вера. Неговите поуки се утешни, неговиот збор е безвременски, а неговиот живот – навистина восхитувачки.
Во филмот играат: Прокопис Агафоклеус, Никитас Цакироглу, Димитрис Ксантопулос, Христина Павлиду, Смарагда Смирнаиу, Христос Лулис, Јанис Станкоглу, Јоргос Арменис, Антонис Кацарис, Пајсиос Ексархос, Димитрис Имелос, Дросос Скотиc, Деспина Гациу, Ринио Киријази, Костас Апостолакис, Марина Калогиру.
Приказната започнува со раѓањето на Свети Пајсиј, со световното име Арсениј Езнепидис, во Фараса, Кападокија. По Договорот од Лозана, неговото семејство е принудено на бегство и се преселува во Грција. Малиот Арсениј расте во Коница, во Епир, под силното духовно влијание на мајка му и баба му, кои во него ја всадуваат длабоката вера во Христос и љубовта кон ближниот. Од најрана возраст во него созрева желбата за монашки живот, инспирирана и од расказите за Свети Арсениј.
Во 1945 година стапува во војска и служи како радио-оператор. По демобилизацијата ја посетува Света Гора, но поради семејни причини се враќа во Коница, каде останува три години. Во март 1953 година заминува трајно на Света Гора и се населува во манастирот Есфигмен, а подоцна и во манастирот Филотеј, каде што се замонашува и го добива името Паисиј.
Во еден трогателен момент, тој ѝ испраќа фотографија на мајка си, простувајќи се од неа со зборовите дека од тој миг за мајка ќе ја има Пресвета Богородица.
Следува неговото враќање во Коница и исполнувањето на заветот кон Богородица – обновата на манастирот изгорен од Германците. Филмот ги прикажува и тешкотиите и искушенијата со кои се соочува, неговото заминување на Синајската Гора и големите подвижнички подвизи во пустината, како и повторното враќање на Света Гора. Посебно е нагласена неговата духовна грижа и водство на монахињите во исихастирот на Свети Јован Богослов во Суроти.
Иако посакува осамен и подвижнички живот, потребата на луѓето да го сретнат и духовно да се укрепат преку него станува сè поголема. Свети Пајсиј ги прима сите, утешува, советува и се моли дење и ноќе. Бројни се сведоштвата за чудата што се случуваат во неговата скромна келија. Со истата духовна достоинственост ја прифаќа и тешката болест – од лекувањето во Солун, до неговото упокојување и погреб во исихастирот во Суроти во 1994 година.
Неговото блажено упокојување ја заокружува оваа извонредна духовна патека, а неговата канонизација и чудата што се случуваат и по неговата смрт се печат на неговиот свет живот.
Средствата од филмот ќе бидат наменети за здруженијата на многудетни семејства.
Продукција: Институт „Свети Максим Елин“
Сценарио: Јоргос Цијакас
Режија: Стамос Цамис
Музика: Туомас Кантелинен
Филмот е заснован на телевизиската серија „Свети Пајсиј – Од Фараса до Небото“.