Шпански суд донесе одлука со која се признава правото на слободно изразување, дозволувајќи Јеховините сведоци да бидат опишани како „деструктивна секта“, како и поединци да се изјаснуваат како „жртви“ на оваа организација.
Апелациониот суд во Мадрид на 16 април ја потврди претходната пресуда во корист на Шпанското здружение на жртви на Јеховините сведоци (AEAVTJ), утврдувајќи дека името на здружението и критиките што ги изнесува не претставуваат незаконско нарушување на угледот на верската организација.
Со оваа одлука, судот експлицитно го потврдува правото на јавна критика и разобличување на внатрешните механизми на контрола во рамките на организацијата.
Според пресудата, користењето на термини како „деструктивна секта“, како и формирањето здружение со назив „жртви на Јеховините сведоци“, спаѓа во доменот на слободата на изразување – дури и ако ваквите квалификации се непријатни или штетни за самото движење.
Јеховините сведоци, основани во 19 век во САД, често се соочуваат со обвинувања дека применуваат секташки практики, додека организацијата редовно покренува правни постапки против своите критичари.
Во конкретниот случај, шест членови на оваа верска заедница поднеле тужба барајќи укинување на здружението и оспорувајќи го терминот „жртви“, но судот ги отфрлил нивните барања.
Адвокатот Карлос Бардавион ја оцени одлуката како преседан, нагласувајќи дека за првпат во една земја се признава можноста регистрирана религија да биде јавно наречена „деструктивна секта“.
Судот ја темелел својата одлука и врз сведоштва од поранешни членови, како и врз интерни документи на организацијата.
Претседателот на здружението, Самуел Ферандо, изрази задоволство од пресудата, истакнувајќи дека таа го потврдува правото на жртвите да го изразат своето искуство и јавно да укажуваат на штетните практики.
Овој случај може да добие и меѓународна димензија, доколку биде изнесен пред Европскиот суд за човекови права.
Извор: orthodoxtimes.com