Нова богословска студија со наслов „Ересите на Патријархот Кирил“ предизвикува силни реакции во православната јавност, отворајќи сериозни прашања за современата теологија и дејствувањето на Московската патријаршија.
Авторите, Силуан Рајт и Панагиотис Макрис, во ова дело настапуваат со апологетски пристап, потпирајќи се на изворни цитати и светоотечкото предание, со цел да покажат дека јавните ставови на патријархот Кирил се оддалечуваат од православното учење.
Книгата систематски ги разработува клучните теми што, според авторите, претставуваат проблематични точки:
-Екуменизмот со Рим, каде се анализираат средбите и декларациите со Римокатоличката црква;
-Религиозниот универзализам, со тврдења дека различни религии се молат на истиот Бог;
-Советското наследство и „сергијанизмот“, со осврт на врските со државните структури од минатото;
-Национализмот и концептот „Руски свет“, како теолошки оправдана идеја;
-Теологијата на војната, вклучувајќи спорни ставови за гревот и жртвата во воени услови.
Посебно внимание е посветено на прашањето дали ваквите позиции бараат канонски одговор, па дури и прекин на спомнувањето на црковни јерарси – тема која традиционално предизвикува длабоки поделби во православниот свет.
Книгата во моментов е достапна на англиски јазик и во дигитална форма, а може да се прочита на следниот линк:
https://followthesaints.com/books/the-heresy-of-patriarch-kirill
Авторите истовремено предупредуваат дека критиката не смее да биде злоупотребена за создавање расколи, туку треба да остане во рамките на црковното предание и соборноста.
Книгата веќе се дискутира во богословските кругови како едно од најконтроверзните современи дела што ја допираат улогата на Црквата во геополитиката, идентитетот и војната.