Нов извештај на УНИЦЕФ за 2026 година предупредува дека децата во Северна Македонија се изложени на повеќе климатски ризици истовремено, меѓу кои загадувањето на воздухот, топлотните бранови, сушите и сиромаштијата.
Според извештајот, околу 73 проценти од децата се погодени од суши, 87 проценти се изложени на топлотни бранови, додека 99,9 проценти дишат загаден воздух.
Претставничката на УНИЦЕФ, Лесли Милер, оцени дека земјата презела важни мерки за заштита на децата, но дека климатските притисоци продолжуваат да растат и сè посилно влијаат врз нивното здравје, образование и благосостојба.
Податоците покажуваат дека загадувањето на воздухот претставува најголем ризик за децата, со индекс 7,74. Следуваат топлотните бранови со индекс 5,42, шумските пожари со 2,78, поплавите со 2,32 и сушата со 1,11.
Во извештајот се наведува дека комбинацијата од високи температури и загаден воздух создава особено сериозен ризик за здравјето на децата, вклучително и опасност од оштетување на белите дробови, имунолошкиот систем, дехидрација и топлотен удар.
Како еден од најголемите проблеми се посочува и детската сиромаштија. Околу 120.000 деца во Македонија се погодени од сиромаштија, а најизложени се децата од многудетни семејства, ромските семејства и еднородителските домаќинства.
УНИЦЕФ предлага воведување универзален детски додаток за сите деца, дополнителна финансиска поддршка за ранливите категории и зајакнување на системите за социјална заштита.
Како позитивен аспект се наведува релативната отпорност на здравствениот систем, снабдувањето со вода, санитарните услови и ниската детска смртност. Сепак, децата од најсиромашните семејства и натаму се најранливи на климатските шокови.
УНИЦЕФ повикува на итни мерки за намалување на штетните емисии и загадувањето, зајакнување на здравствените, образовните и социјалните системи и поголемо вклучување на децата и младите во справувањето со климатската криза.
На глобално ниво, 2,3 милијарди деца се изложени на загаден воздух, 1,8 милијарди се погодени од суши, 1,5 милијарди од топлотни бранови, а повеќе од 1,1 милијарда деца живеат во области со повеќе климатски ризици.
„Со инвестирање во квалитетни услуги денес, Северна Македонија ќе ги заштити правата на децата и ќе изгради поодржлива иднина за сите“, порачуваат од УНИЦЕФ.
Извор: dw.com