Војната никогаш не е само судир на армии. Таа е плач на мајки, страв на деца, разурнати домови и изгубени човечки животи. Војните, во својата најдлабока смисла, се братоубиствени: тие се бунт против единството на човештвото во Христос и против слободата со која Тој нè ослободи од гревот, омразата и ропството на смртта. Затоа, за Црквата, војната никогаш не може да биде обична политичка тема. Таа е пред сè духовна рана на човештвото и пројава на распадот на заедницата меѓу човекот, ближниот и Бога.
Православната Црква многу јасно го изрази својот став на Светиот и Велик Собор на Крит во 2016 година, најголемиот соборен собир на Православието во современото време, на кој учествуваа претставници на помесните Православни Цркви. Во документот „Мисијата на Православната Црква во современиот свет“ се нагласува дека Црквата ја осудува војната како последица на гревот и злото што дејствуваат во светот. Таа ги поддржува сите напори за спречување на конфликтите преку дијалог, помирување и мирни средства.
Ова не е само црковен документ. Ова е гласот на Евангелието и преданието на Црквата.
Христос не рече: „Блажени се победниците“. Не рече: „Блажени се освојувачите“. Не рече: „Блажени се силните“. Тој рече: „Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји.“ А, миротворци се оние што не го хранат злото, туку го лекуваат ранетиот човек и го сведочат мирот на Царството Божјо.
Токму затоа православните христијани не се повикани на обичен морализам, туку на живот во Христос. Не затоа што сме подобри од другите, туку затоа што сме крстени во Оној Кој го победи гревот, омразата и смртта. Затоа не можеме да го оправдуваме насилството со религиозни зборови, ниту да ја претвораме верата во алатка на политичка моќ. Силата на Црквата не е во земна победа, туку во сведоштвото на мирот, милосрдието и љубовта што го чува достоинството на секој човек како икона Божја.
Низ вековите многумина го препознавале Православието како вера на Крстот и Воскресението. И го почитувале токму поради тоа што е верата која не победува преку насилство, туку преку љубов; не преку омраза, туку преку покајание и преобразба. Тоа е верата која не го оправдува уништувањето на другиот човек, туку во секого апсолутно го гледа образот Божји и брат за кого Христос пострада и воскресна.
Затоа денес не можеме да останеме рамнодушни пред страдањето на невините. Не можеме да повикуваме на мир, а да молчиме пред агресијата. Не можеме да проповедаме љубов кон ближниот, а да го игнорираме плачот на жртвите.
Кога религиозниот јазик се злоупотребува за оправдување на војна – како во случајот со поддршката што Руската православна црква ја дава на политиките на Владимир Путин во војната против Украина – тогаш тука веќе не станува збор само за политичка грешка, туку за длабоко богословско изопачување: верата се претвора во слугинка на државната моќ, а Христовиот мир се заменува со идеологија на сила, освојување и човечко страдање, поради човечки амбиции.
Црквата не постои за да ги осветува раните на светот, туку за да ги лекува и преобразува во Христос.
Светите Отци нè учат дека секој човек е создаден според образот Божји и е повикан кон подобие Божјо. Затоа насилството врз невиниот човек не е само напад врз неговиот живот, туку и ранување на образот Божји во него. Убиството е удар врз тајната на човечката личност, повикана преку синергијата на Божјата благодат и човечката лична слобода да расте во заедница со Бога и да се преобразува во подобие Божјо.
Па така, ако денес молчиме пред злото, утре нашиот збор за мир ќе биде празен. Ако не ја кажеме вистината и кога е тешко, нема да имаме духовна сила да зборуваме за правдата, помирувањето и љубовта.
Затоа Православието не е повикано на молчење, туку на трезвена и смирена храброст: да го осуди гревот без омраза кон грешникот, да застане покрај жртвите без политичка пресметка и да ја каже вистината без страв од светските моќници.
Само така Црквата ќе остане верна на Христос – Кој не дојде да ги благослови војните на луѓето, туку да го исцели човекот и да му го дарува мирот на Царството Негово.
„Мир ви оставам; мирот Свој ви го давам“ (Јован 14,27).
Автор: Д.Л.