Делегацијата на Московската патријаршија во Тбилиси разговараше за контактот на Грузиската црква со верниците во конфликтните подрачја
Посетата на висока делегација на Московската патријаршија на Грузија се одвива во чувствителен политички и црковен контекст, со оглед на нерешените конфликти и односите меѓу Тбилиси и Москва.
На 30 септември митрополитот Волоколамски Антониј, претседател на Одделот за надворешни црковни односи на Московската патријаршија, се сретна со католикос-патријархот на цела Грузија Шио III во Патријаршиската резиденција.
Како што соопшти Грузиската патријаршија, меѓу главните теми била ситуацијата во конфликтните региони и можноста Грузиската православна црква да воспостави и одржува контакт со своите верници во тие подрачја.
Прашањето има директна политичка димензија. Грузија и Русија немаат дипломатски односи од војната во 2008 година, а Абхазија и Јужна Осетија остануваат централни точки на спорот меѓу Тбилиси и Москва. Токму во таков контекст, разговорите за пристапот на Грузиската црква до православните заедници во конфликтните региони добиваат пошироко значење од вообичаените меѓуцрковни односи.
Москва, сепак, преку црковна делегација испрати порака дека каналите на комуникација меѓу двете православни цркви остануваат отворени.
Митрополитот Антониј на патријархот Шио III му ја пренел и личната честитка од рускиот патријарх Кирил по повод неговото устоличување. Делегацијата пристигнала во Грузија на 28 септември со благослов на Московскиот патријарх.
Во официјалното соопштение не се наведува дека на средбата бил постигнат конкретен договор за начинот на кој Грузиската црква би воспоставувала контакт со верниците во конфликтните подрачја. Оттаму, засега останува на ниво на разговор можноста црковните канали да помогнат во одржувањето на контактите со локалните православни заедници.
Составот на руската делегација покажува дека станува збор за посета со јасна меѓуцрковна и дипломатска тежина. Покрај митрополитот Антониј, во Грузија пристигнале советникот на патријархот Кирил, архимандритот Николај Балашов, заменик-претседателот на Одделот за надворешни црковни односи Игор Јакимчук и други високи претставници.
Иако средбата е претставена како црковна, темата за православните верници во конфликтните региони ја допира една од најчувствителните точки во односите меѓу Грузија и Русија.
Во рамките на посетата, руската делегација ги посети и историските грузиски православни центри Мцхета, Џвари, Светицховели и Самтавро, како и Гориската епархија и Атени Сиони.
Посетата завршила со размена на симболични подароци меѓу двете страни.
Извор: religija.mk