Во Атина деновиве се одржа меморијален собир во чест на Панајотис Димакакус — познат професор по васкуларна хирургија, кој по својата богата лекарска кариера го избрал монашкиот живот на Света Гора.
За македонската јавност, неговото име веројатно не е широко познато. Но, во грчката медицинска средина Димакакус бил меѓу пионерите на васкуларната хирургија. Бил емеритус професор на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Атина, основач на Одделението за васкуларна хирургија во Аретиеионската болница и директор на Втората хируршка клиника.
Студирал медицина и филозофија во Германија, а во 1980 година ја извел првата примена на ангиоскопија во Грција. Во текот на својата кариера образувал бројни лекари и оставил значаен белег во развојот на својата медицинска област.
По пензионирањето, професорот Димакакус заминал по сосема поинаков пат. Во 2019 година се замонашил во Светата Велика обител Ватопед на Света Гора, каде што го добил името Лука.
Тој се упокоил во 2021 година, на 82-годишна возраст. Неговата приказна денес се памети како редок пример за човек кој, по години поминати во науката, операционите сали и универзитетските амфитеатри, избрал живот на молитва, послушание и монашка тишина.
На меморијалната трибина „Хипократ во Божјиот град“, одржана на 4 ноември во Атина, учествувал и неговиот син, Евангелос Димакакус, доцент по анатомија и физиологија на Универзитетот во Западна Атика. Собирот бил организиран во негова чест, со учество на претставници од медицинската, академската и црковната јавност.
Извор: Vima Orthodoxias