Делегација од Македонската православна црква – Охридска архиепископија, предводена од епископот Антаниски г. Партениј, деновиве престојува на Света Гора, каде што беше срдечно и со особени почести пречекана од светогорските монашки братства.
Посетата се остварува по срдечна покана од старешината на Кутлумушкиот скит „Свети Пантелејмон“ во Кареја, јероѓаконот Хризостом, а повод е празникот на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон. Поклонението се одвива со благослов на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј и свештената обител Кутлумуш.
Врските на епископот Партениј и Бигорското монашко семејство со Света Гора не се нови. Низ годините постоеле редовни контакти, поклоненија и духовна соработка со повеќе светогорски обители и старци. Особеното значење на сегашната посета е во тоа што епископот Партениј сега ќе богослужи и ќе претстои на Божествената Евхаристија на Атон како архиереј на МПЦ-ОА.
Станува збор за негово прво богослужбено претстоење на Света Гора по 36 години. Како млад богослов и искушеник, тој извесен период живеел во манастирот Григоријат, под духовно раководство на блаженоупокоениот старец Георгиј Капсанис, од каде што понел значајно светогорско монашко искуство кое подоцна станало еден од духовните темели на обновата на општежителниот монашки живот во Бигорскиот манастир.
Сегашното поклонение има и посебно црковно значење бидејќи престојот и богослужењето на еден архиереј на Света Гора се одвиваат со благослов на надлежната црковна власт, во конкретниот случај со благослов на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј. Со тоа посетата има официјален архиерејски и богослужбен карактер, а не станува збор за приватно поклонение.
Во поклонението учествува и епископот Мирински г. Атинагора, викарен епископ на Православната митрополија на Мексико, Централна Америка, Карипските Острови, Венецуела и Колумбија при Вселенската патријаршија, кој ќе сослужува со епископот Партениј на празникот на свети Пантелејмон.
По пристигнувањето во Кареја, административното и духовното средиште на Света Гора, делегацијата ја посети Свештената заедница на Атон, каде што оствари средба со Протоепистатот, старецот Георгиј Ватопедски. Во древниот храм на Протатонот се поклонија пред чудотворната икона на Пресвета Богородица „Достојно ест“.
Во рамките на поклонението беа посетени повеќе светогорски светињи и манастири, меѓу кои Филотеј, Каракал, Иверон и Ставроникита, каде што епископот Партениј и неговата придружба беа пречекувани од монашките братства и остварија средби со светогорски старци и игумени.
Особено свечен прием беше приреден во Ватопедскиот манастир, каде што епископот Партениј и неговата придружба беа примени „со особена љубов и чест“ од игуменот, старецот Ефрем Ватопедски, и од братството на манастирот. Таму се поклонија пред Чесниот Појас на Пресвета Богородица, чудотворната икона „Парамитија“ и другите големи светињи на Ватопед.
За време на средбата, старецот Ефрем го истакнал значењето на посетата и монашкото дело на епископот Партениј во Македонија. Како што наведува Бигорскиот манастир, било нагласено дека „најпосле се исполни времето архиереј од нашата Црква да пристапи на Света Гора како канонски епископ и да богослужи во нејзините свештени манастири“.
Токму богослужбениот аспект ѝ дава дополнително значење на сегашната посета. Иако духовните и монашките врски меѓу Бигорски и Света Гора траат со години, ова поклонение претставува нов момент во тие односи – епископот Партениј ќе претстои на светогорско богослужение во својство на архиереј на МПЦ-ОА.
Поклонението ќе го достигне својот богослужбен врв во Кутлумушкиот скит „Свети Пантелејмон“ во Кареја, каде што епископот Партениј ќе претстои на свеченото сеноќно бдение и ќе чиноначалствува на Божествената Евхаристија во чест на светиот великомаченик и исцелител Пантелејмон.
Извор: bigorskimanastir.org.mk