Од почетокот на руската инвазија врз Украина, руските сили уништиле 420 храмови на Украинската православна црква (УПЦ), убиле 25 нејзини свештеници и осудиле свештенослужители кои одбиле да се потчинат на рускиот патријарх Кирил, објави Укринформ.
Овие податоци ги изнесе Виктор Јеленски, претседател на Државната служба на Украина за етнополитика и слобода на совеста, во интервју за украинската новинска агенција.
„Руската држава за време на инвазијата уништи 420 храмови на Украинската православна црква, вклучително и оштетувањето на катедралниот храм во Запорожје. И покрај тоа, по ракетниот напад, верниците таму му пееја ‘Многу лета’ на патријархот Кирил – истиот патријарх кој ги благословува овие и другите ракети“, изјави Јеленски.
Според него, од повеќе од 800 верски објекти уништени од руските сили, половината ѝ припаѓаат на Украинската православна црква, која историски беше поврзана со Московската патријаршија.
Јеленски нагласи дека руските сили убиле 25 свештеници на оваа Црква, но дека од поглаварот на Руската православна црква, патријархот Кирил, не пристигнал ниту еден израз на сочувство.
„Дури ни кога беа убиени свештеници кои за време на богослужбите го споменуваа неговото име како свој поглавар и отец“, истакна тој.
Тој потсети и на случајот со свештеникот Константин Максимов од Токмак, кој бил осуден од руските власти на 14 години затвор затоа што одбил директно да се потчини на патријархот Кирил.
Според Јеленски, на териториите под руска окупација биле преземени повеќе од 1.800 православни храмови.
„Токму Руската православна црква ги презеде овие храмови, заедно со осум епархии на Украинската православна црква“, нагласи претседателот на украинската државна служба.
Во меѓувреме, претставници на Државната служба за етнополитика и слобода на совеста, на иницијатива на Запорошкиот и Мелитополски митрополит Лука, го посетија Запорожје, каде што остварија средба со свештенството на Запорошката епархија на Украинската православна црква.
За време на средбата, Јеленски ги образложил причините поради кои, според украинските власти, оваа епархија треба да ги прекине своите верски врски со Руската православна црква.
Претходно, украинската Државна служба за етнополитика и слобода на совеста официјално ја утврдила поврзаноста на управата на Запорошката епархија на Украинската православна црква со Руската православна црква.