Ако уште еднаш некој ми каже дека со тоа што изнесуваме несогласување со наративот и дејствувањето на српскиот Патријарх и неговите блиски соработници ја напаѓаме Српската православна црква, навистина ќе помислам дека разговарам со неразумно создание Божјо, кое мозокот не го користи за размислување, туку како сад што го полни со извештаи од режимските медиуми и нивната погубна пропаганда, па без расудување создава конструкции кои немаат темел ниту во Светото Писмо, ниту во каноните на Црквата, ниту во Светото Предание.
Зар навистина мислите дека во Црквата сè се решава со слепа послушност, лојалност и молк? Од кого сте го чуле тоа? Од самиот Христос – сигурно не. Ниту од светите отци.
Свештената историја никогаш не ги памети прогонителите како победници, но ги памети мачениците како светлина, како жив извор на непресушната вода на Вистината. Нивните свети мошти се најголемите духовни лекувалишта, каде верните ги исцелуваат своите телесни и духовни рани.
Затоа и денес, во општиот хаос што го зафати општеството, полно со незалечени рани, народот отстранувањето на митрополитот Јустин од чело на Жичката епархија го доживува како сол врз жива рана на повреденото тело.
И народот не верува дека Јустин е отстранет поради грешка или слабост. Отстранет е затоа што не сакал да се откаже од човечноста. Затоа што останал пастир меѓу својот народ, а не чиновник во сенката на актуелниот богоборен режим што ја разјадува државата, народот и самата Црква. Отстранет е затоа што ги отворил вратите на храмовите кога други барале дозволи; затоа што ги поддржал младите кога други ги мереле низ политички калкулации; затоа што ја зборувал вистината кога молкот бил поудобен.
И затоа неговата судбина е древната судбина на сите праведници низ историјата: најпрво да бидат прогонети, а потоа оправдани. Времето, како и секогаш, ќе покаже каде е Вистината.
Синодот излезе со соопштение исполнето со членови, канони и бројки, обидувајќи се смената на митрополитот да ја претстави како административно прашање на финансиски неправилности. Но токму тука почнува најголемата сомнеж кај верниците. Се поставува прашањето како е можно со децении јавноста да биде соблазнувана од далеку потешки случаи, а канонската правда да не биде применувана со иста ревност.
Ако мерилото на Црквата е финансиската дисциплина, тогаш истата мораше одамна да се примени и во случаи кои со години ја потресуваат јавноста. Тогаш се зборуваше за „зачувување на угледот на Црквата“, а каноните не беа толку „итни“. Денес одеднаш се прецизни, немилосрдни и спроведени „од веднаш“.
Затоа дел од верниците не веруваат во тезата за „исклучиво внатрешна црковна постапка“, туку сметаат дека строгите правила се активираат против неподобните, а се ублажуваат кога станува збор за заштитени од структурите на моќ.
Ако целта е вистинско очистување на Црквата, тогаш тоа мора да биде сеопфатно, праведно и без исклучоци. Ако не е – тогаш станува збор за пресметка.
„Блажени се прогонетите заради правда, зашто нивно е Царството Небесно.“
Овие Христови зборови не се само утеха за слабите, туку и потсетник за сите што низ вековите го носеле крстот на народот на своите плеќи. Српскиот народ таа вистина ја плаќал со крв, со затвори, со прогонства и рушевини. Но никогаш не ја платил со верата.
Кога царствата доаѓале и заминувале, Црквата останувала. Кога сабјите сечеле, молитвата собирала. Кога не бришеле од книгите, светата Причест нè впишувала во вечноста. Околу олтарот се раѓала државата, околу манастирите се чувала верата, околу иконата се чувала надежта. Затоа сите окупатори најнапред удирале врз свештенството и храмовите – затоа што знаеле дека додека пастирот е слободен, стадото не е покорно.
Денес истата матрица се повторува, само во модерна форма. Наместо окови – одлуки. Наместо темници – медиумски линчеви. Наместо прогон со сабја – прогон со бирократија. Суштината останува иста: отстрани го оној што не се согласува и системот ќе се смири.
Јустин засмета затоа што собираше, охрабруваше и остана доследен. Во време кога сè има цена, тој ја демантираше таа гласина. Во време кога сè е релативно, тој остана исправен.
Ние не ја рушиме Српската православна црква кога зборуваме за оваа неправда. Напротив – ја браниме од претворање во декор на власта. Црквата не е родена во дворци и канцеларии, туку во катакомби. Таа не порасна во комфор, туку во страдање.
Во првите векови христијаните не беа гонети затоа што проповедале љубов, туку затоа што одбивале да се поклонат на лажни богови и политичка моќ. Рим мислел дека ќе ја уништи Црквата со сила, но колку повеќе имало маченици, толку посилна станувала Црквата.
Историјата нè учи дека прогоните не ја гасат Вистината – ја прават посветла.
Веќе еднаш поминавме низ сличен сценарио со владиката Артемиј, рашко-призренски, чие разрешување и подоцнежна екскомуникација доведоа до длабока поделба и формирање на структура во егзил. Тоа не донесе мир, туку рана што и денес боли.
И затоа денес се поставува истото прашање: зошто гревовите на ваквите пастири секогаш се највидливи и најстрого казнувани, додека потешките престапи со години се прикриваат заради „угледот“?
Ништо не ја руши довербата на верниците повеќе од селективната правда.
Ако од случајот со Артемиј ништо не научивме, тогаш постои опасност повторно да тргнеме по истиот пат – пат што не води кон исцеление, туку кон нови поделби.
Ова е повик Црквата да остане мајка за сите, а не судија по мерка на моќните. Само Црква што лекува со Вистина може да остане жива, света и Христова.
Она што денес се случува не е обична расправа, туку прашање дали ќе останеме народ на Крстот и Воскресението или народ на тишината.
Историјата покажува: колку е посилен прогонот, толку посветла станува Вистината. А Црквата Христова останува, зашто „вратите на адот нема да ја надвладеат.“
Автор: Нада Гладовиќ
Извор: Србин.инфо