Вселенскиот патријарх Вартоломеј од Имврос упати остри пораки за состојбите во Православната црква, повторно осудувајќи го дејствувањето на Московската патријаршија во Африка, а воедно индиректно упати забелешка и до Православната црква на Србија поради тоа што патријархот Порфириј сè уште ја нема остварено својата мирна посета на Вселенската патријаршија.
Во средата, на 12 август, во храмот „Свети Георгиј“ во селото Свети Теодор на островот Имврос беше отслужена празнична богослужба и молебен кон Пресвета Богородица, во присуство на поглаварите на Александриската и Албанската православна црква.
Богослужбата ја возглави Папата и Патријарх Александриски и на цела Африка г. Теодор II, а присуствуваше и Архиепископот Тирански, Драчки и на цела Албанија г. Јован. Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј молитвено учествуваше од олтарот.
Двајцата црковни поглавари престојуваат во родното место на Вселенскиот патријарх по повод одбележувањето на 65-годишнината од неговото стапување во свештеничка служба.
„Москва наместо да го помага мисионерското дело во Африка – му конкурира“
Говорејќи за Александриската патријаршија, патријархот Вартоломеј истакна дека патријархот Теодор извршува огромно мисионерско дело на африканскиот континент, посетувајќи сиромашни и често небезбедни земји и надгледувајќи ја работата на архиереите и свештениците на древната Александриската патријаршија.
Особено се осврна на присуството на Православната црква на Русија во Африка, оценувајќи го како неканонско навлегување во јурисдикцијата на Александриската патријаршија.
„Со ограничени средства и малку можности се извршува ова дело, а токму тие околности во последните години буквално ги искористи Московската патријаршија, која целосно неканонски навлезе во канонската јурисдикција на Александриската патријаршија и создаде паралелна јурисдикција“, рече Вселенскиот патријарх.
Според него, Москва испратила свои епископи во Јужна Африка и Каиро и, наместо да го поддржува православното мисионерство, влегла во конкуренција со Александриската патријаршија.
„Наместо да ги помага и поддржува напорите на нашиот брат и неговите соработници за христијанизација на народите и племињата на африканскиот континент, таа им конкурира, како да станува збор за нешто друго, а не за заедничката православна вера“, нагласи патријархот Вартоломеј.
„Неблагодарноста продолжува“
Вселенскиот патријарх потсети дека Константинополската црква застанала во одбрана на Александриската патријаршија и дека до сите православни поглавари било испратено писмо во кое било осудено руското црковно присуство во нејзината канонска област.
„Нашата Вселенска патријаршија застана покрај Црквата на свети Марко, Александриската црква. Испративме писмо до сите други православни поглавари и го осудивме неканонското навлегување во јурисдикцијата на Александриската патријаршија, но злото продолжува“, рече тој.
Потоа зборуваше и за, како што ја нарече, неблагодарноста на Руската црква кон Константинопол.
„Неблагодарноста на Руската црква, и тоа не само кон Мајката Црква во Константинопол, од која ги прими светлината на христијанската вера и култура, продолжува“, рече патријархот.
Тој порача дека црковното дело ќе продолжи без оглед на противењата.
„Ние сите, со чиста совест, продолжуваме да го извршуваме нашето дело пред историјата и пред светското Православие, христијанството, човештвото и светската култура, а оние што се спротивставуваат и се борат против канонскиот поредок на нашата Црква, порано или подоцна ќе дадат одговор пред Бога.“
Пофалби за Архиепископот Јован
Во продолжение Вселенскиот патријарх топло зборуваше за новиот Архиепископ Тирански, Драчки и на цела Албанија г. Јован, кој го наследи блаженоупокоениот Архиепископ Анастасиј.
Според патријархот Вартоломеј, архиепископот Јован со ревност, совесност и страв Божји го продолжува големото дело што го започна неговиот претходник.
Посебно го истакна и почитувањето на црковниот поредок од страна на албанскиот архиепископ, кој по изборот и востоличувањето ја оствари својата мирна посета на Вселенската патријаршија.
„Тој дојде како Архиепископ на Албанија и ја направи таканаречената мирна посета на Вселенската патријаршија, согласно поредокот според кој секој нов православен поглавар, по изборот и преземањето на управувањето со својата Црква, ги започнува посетите на другите православни Цркви, природно почнувајќи од Вселенската патријаршија. Тој го запази овој поредок и дојде“, рече патријархот.
Индиректна порака до српскиот патријарх Порфириј
Токму во овој дел од обраќањето патријархот Вартоломеј упати очигледна алузија на Православната црква на Србија и нејзиниот поглавар, патријархот Порфириј.
Без директно да го именува, тој забележа дека има православни поглавари кои и по четири или пет години од својот избор сè уште не ја посетиле Константинополската црква, иако во меѓувреме посетиле други помесни православни Цркви.
„Други поглавари, иако поминаа четири и пет години од нивниот избор и востоличување, сè уште го одложуваат исполнувањето на оваа должност кон Црквата во Константинопол, додека во меѓувреме посетија други Цркви – четвртата и петтата – прескокнувајќи ја првата“, рече Вселенскиот патријарх.
Српскиот патријарх Порфириј беше избран во февруари 2021 година, а досега ги има посетено Московската и Ерусалимската патријаршија, но сè уште нема остварено мирна посета на Фанар.
Во последните години своите мирни посети на Вселенската патријаршија ги остварија бугарскиот патријарх Даниил, кипарскиот архиепископ Георгиј и албанскиот архиепископ Јован.
Извор: Orthodoxia News Agency / orthodoxianewsagency.gr