Она што Митрополитот Григориј го пласира како „канонско толкување“, веќе излезе надвор од Македонија и се претвора во аргумент во странски црковни медиуми. Грчката верзија на руско-финансираниот портал СПЖ објавува текст со наслов дека „јерарх на Охрид го отфрлил правото на Фанар еднострано да доделува автокефалија“.
Во написот директно се пренесува тезата на митрополитот Григориј дека Вселенскиот патријарх немал канонско право сам да издава Томоси надвор од сопствената јурисдикција, дека неговата улога била само да посредува за сеправославен консензус, а се употребуваат дури и изрази како „судски активизам“ и опасност од создавање „православен папа“.
Суштинскиот проблем е во тоа што митрополитот Григориј од МПЦ–ОА јавно ја оспорува самата надлежност на институцијата од која со години се очекува конечно канонско регулирање и Томос за МПЦ–ОА. Практично, тој прави автогол и им подарува готов аргумент на сите што сакаат да кажат: „Па самите македонски архијереи тврдат дека Фанар нема право да им даде автокефалија.“
Конкретно, тоа е црковно-дипломатски автогол.
Иронијата е уште поголема ако се земе предвид црковно-дипломатската политика што самата МПЦ–ОА ја водеше во претходните години. Наместо да остане затворена во еден единствен правец, таа отвори канали и кон Фанар и кон Белград. Обраќањето до Вселенската Патријаршија резултираше со канонско примање на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија во евхаристиско општење во мај 2022 година, по што, со упатување кон продолжување на разговорите со СПЦ, беше обновен и дијалогот со Белград. Тој процес потоа доведе до српскиот акт, односно до каков-таков „Томос“ за автокефалност, чија канонска полнота и општоправославна важност остануваат спорни.
Од критичка перспектива, тој српски акт може да се согледува и во поширокиот контекст на московската црковна политика: настојувањето прашањето на МПЦ–ОА да се затвори преку Белград, без конечен Томос од Вселенската патријаршија, ја задржува Македонската Црква во состојба на нецелосно општоправославно признавање и истовремено ја прави попогодна за пошироката руска стратегија на непризнавање на автокефалната Православна Црква на Украина. Наспроти тоа, политиката што МПЦ–ОА практично ја водеше беше политика на излегување од повеќедецениската изолација преку користење на сите расположливи црковно-дипломатски канали – и кон Фанар и кон Белград.
Токму затоа е нелогично денес од редовите на МПЦ–ОА да се оспорува еден од главните канонски патишта преку кои таа воопшто успеа да излезе од изолацијата.
Уште повеќе, СПЖ ја користи изјавата на Митрополитот Григориј за да ја зацврсти тезата дека српскиот акт од 2022 година е веќе конечен и дека Вселенската Патријаршија нема што дополнително да решава. Тоа е токму наративот што може да го стесни просторот за понатамошни преговори со Вселенската Патријаршија.
Со ваквото настапување, наместо да се отвора патот кон целосно и општоправославно регулирање на статусот на МПЦ–ОА, практично се создава аргументација за оние кругови што сакаат прашањето да остане затворено со српскиот акт од 2022 година.
Не е проблем некој архијереј да има своја канонска теорија или лично богословско толкување. Проблемот настанува кога таквото мислење директно се судира со црковно-дипломатската линија што самата МПЦ–ОА ја следеше за да излезе од канонската изолација, а истовремено станува аргумент во рацете на оние што го оспоруваат натамошното учество на Вселенската патријаршија во конечното регулирање на македонското црковно прашање.
Ваквите непромислени пројави на академски богословски ентузијазам, недоволно поткрепени со канонско-историски факти, не ѝ помагаат на МПЦ–ОА. Напротив, тие стануваат оружје во рацете на медиуми и црковно-политички кругови што се спротивставуваат на вековниот поредок на Православната Црква и на улогата на Вселенската Патријаршија во регулирањето на меѓуправославните прашања.
Со ваквите настапи не се брани полното признавање на автокефалноста на МПЦ–ОА од сите Помесни Православни Цркви – процес што, според оваа црковно-дипломатска логика, треба да кулминира со Томос од Вселенската Патријаршија.
Баш напротив – се стеснува патот до него.
МПЦ–ОА излезе од изолацијата затоа што отвори врати и кон Фанар и кон Белград. Нема никаква логика сега самата да затвора една од тие врати.
Автор: Н. К.
АВТОГОЛ ОД СОПСТВЕНИ РЕДОВИ: Изјавите на Митрополитот Григориј веќе се користат против македонскиот пат кон автокефалност
8
претходна објава