Пиерија е една од најпопуларните летни дестинации во Грција меѓу македонските туристи. Паралија, Олимпик Бич, Лептокарија, Платамона и другите места во овој регион секое лето ги посетуваат илјадници Македонци.
Но, малкумина веројатно знаат дека покрај морето и туристичката понуда, во дел од православните храмови во Пиерија во текот на летната сезона се одржуваат богослужби и на црковнословенски јазик – јазик кој се користи и во богослужбениот живот во Северна Македонија.
Митрополијата на Китрос, Катерини и Платамона во последните години развива посебна пастирска грижа за големиот број православни туристи кои доаѓаат во овој дел од Грција, а особено за посетителите од балканските и словенските земји.
Во поголемите крајбрежни туристички места во Пиерија, каде во летните месеци престојуваат голем број гости од странство, се одржуваат богослужби на словенски јазик, а на верниците им се овозможува полесно да комуницираат со свештенството и да учествуваат во богослужбениот живот на Црквата.
Иницијативата е дел од пошироката заложба на митрополитот Китрос, Катерини и Платамона, г. Георгиј, храмовите во Пиерија да бидат отворени и гостопримливи места за молитва, духовна средба и комуникација, особено во периодот кога регионот е исполнет со туристи од различни православни земји.
Посебно внимание е насочено кон посетителите од словенските земји, кои на овој начин имаат можност Божествената литургија и другите богослужби да ги слушнат на јазик кој им е близок и разбирлив.
Еден од најпознатите примери е храмот „Света Фотинија“ во Паралија Катерини – место кое е добро познато и на македонските туристи.
Во текот на летните месеци храмот останува отворен до доцните вечерни часови, овозможувајќи им на посетителите и по завршувањето на дневните активности да влезат во храмот, да се помолат, да запалат свеќа или да разговараат со свештеник.
Од Митрополијата наведуваат дека ваквиот пристап наидува на бројни позитивни реакции кај странските туристи. Како пример се посочува неодамнешното сведоштво на романски просветен работник кој престојувал во Паралија Катерини и со особено позитивни зборови ја опишал можноста да го посети храмот и да разговара со свештеник и во доцните вечерни часови.
Позитивни реакции има и на социјалните мрежи, каде посетители од различни земји го истакнуваат гостопримството во храмовите, можноста да присуствуваат на богослужбите и грижата што локалната Црква ја покажува кон православните верници кои престојуваат во Пиерија.
Од Митрополијата нагласуваат дека целта е посетителите да не бидат доживувани само како туристи, туку како верници на кои и за време на одморот треба да им биде овозможено активно учество во црковниот живот.
Можноста да ја слушнат Литургијата на јазик што им е близок, да разговараат со свештенството и да се почувствуваат како дел од истата православна заедница, според Митрополијата, создава поинаква димензија на гостопримството и придонесува за зајакнување на врските меѓу православните народи.
За македонските туристи, кои традиционално во голем број го избираат овој дел од грчкото крајбрежје за летување, ова е можеби една од помалку познатите страни на Пиерија.
Така, покрај морето и одморот, оние што летуваат во Паралија, Олимпик Бич, Лептокарија, Платамона и околните места имаат можност да посетат православен храм и да присуствуваат на богослужба на црковнословенски – јазик добро познат и од нашите храмови дома.