По повод Денот на младите, Митрополитот Киевски и на цела Украина Епифаниј, поглавар на Православната црква на Украина, упати порака до младите Украинци, нагласувајќи дека нивната генерација е принудена да расте и да ја гради својата иднина во тешките услови на војната.
Митрополитот Епифаниј истакна дека денешните млади, без самите да го изберат тоа, стекнуваат тешки животни искуства со кои претходните генерации не морале да се соочуваат на нивна возраст.
„Денешната младина е поинаква“, порача тој, додавајќи дека во многу случаи веќе не се само постарите оние кои можат да ги поучуваат младите, туку и младите имаат многу што да им пренесат на претходните генерации.
„Војната менува сè и секого“
Осврнувајќи се на последиците од војната, Митрополитот Епифаниј нагласи дека искуството од последните години довело до преиспитување на она што навистина е важно и вредно во животот.
Тој посочи дека често се зборува оти војната им ја одзема на луѓето младоста, плановите, можностите и соништата, но нагласи дека одговорноста не треба да се припишува на војната како апстрактен поим, туку на оние што ја предизвикале.
Обраќајќи им се директно на младите Украинци, тој ги повика да бидат „воини на светлината“ и да не дозволат непријателот да им ги одземе надежта и внатрешната сила.
„Не дозволувајте непријателот да ве обесхрабри, да ве скрши или да ви ја одземе надежта и потпората. Спротивставувајте му се на злото без да ја изгубите способноста да љубите, да создавате пријателства, да се грижите, да помагате, да верувате, да се радувате и да бидете благодарни – на нашите бранители, на луѓето со добра волја и на Бога“, порача Митрополитот Епифаниј.
„Не го одложувајте животот за по војната“
Посебен акцент во својата порака тој стави на потребата младите да ја зачуваат човечноста, да се грижат за себе и за луѓето околу нив и да не го одложуваат животот очекувајќи го крајот на војната.
„Иднината се создава токму сега, од секој од вас. Секој секојдневен избор, дури и најмалиот, и секоја ваша постапка се дел од изградбата на следниот ден, темел за утрешнината“, истакна тој.
На крајот, Митрополитот Киевски нагласи дека начинот на кој младите денес учат, работат, создаваат пријателства, љубат и се однесуваат кон своите ближни веќе го обликува општеството на Украина во иднина.
Извор: vimaorthodoxias.gr