Дел 3: Светоотечко предание или лично толкување на Библијата
Едно од најголемите искушенија во денешно време е човекот да ја чита Библијата изолирано, со лична интерпретација, одвојувајќи се од живото предание на Црквата. Ова е токму духот на протестантизмот – „sola scriptura“ – верување дека секој поединец е доволен сам да ја толкува Библијата според својата логика и чувство.
Но, Православието отсекогаш сведочело дека Библијата не е книга за приватна интерпретација, туку е плод на Светиот Дух во Црквата и се разбира единствено во Црквата. Апостолот Петар јасно вели: „Ниедно пророштво во Писмото не е за свое толкување“ (2. Пет. 1:20).
Светото Писмо е напишано во Црквата, од Црквата, и за Црквата. Без Светоотечкото предание, човекот ризикува да падне во самозалажување и да ја претвори верата во своја лична идеологија. Св. Иринеј Лионски вели: „Таму каде што е Црквата, таму е и Духот Божји; и таму каде што е Духот Божји, таму е Црквата и сè што е спасително.“
Протестантскиот дух често ја претвора Библијата во поле за индивидуална креативност: секој станува „толкувач“, секој создава сопствена вистина. Но православниот христијанин ја чита Библијата со очите на Отците, во светлината на богослужението, и во духот на послушност кон Црквата.
Прашањето е: дали денес православните се повеќе се потпираат на сопствена интерпретација на извадоци, или ја примаат просветленоста на правосолавното Светоотечко предание?
Вистинската слобода не е во самостојно толкување, туку во смирено примање на она што Црквата веќе две илјади години сведочи. Само така верата останува жива и вистинита, а не сведена на лични гледишта и мислења.