Неговото Блаженство, Софискиот митрополит и Бугарски патријарх Даниил, денес, 12 март, во зградата на Софиската Света митрополија прими делегација од Вселенската патријаршија.
Во составот на делегацијата беа: нивните високопреосвештенства митрополитот Халкидонски Емануил, митрополитот Имвроски и Тенедоски Кирил, како и Неговото Високопреподобие архимандритот Аетиј, голем еклисијарх и началник на кабинетот на Вселенскиот патријарх.
На средбата присуствуваа и Неговото Високопреосвештенство Неврокопскиот митрополит Серафим, како и Неговото Преосвештенство Браницкиот епископ Јован, прв викарен епископ на Софискиот митрополит.
За време на разговорот, гостите го пренесоа срдечниот братски поздрав од Неговата Сесветост, Вселенскиот патријарх Вартоломеј, до Бугарскиот патријарх. Воедно беше потсетено на убавите спомени од посетата на патријарх Даниил во Фанар во декември минатата година.
Во разговорот беше нагласено значењето на меѓусебната комуникација и соработка во името на единството на светата Православна Црква.
Делегацијата го информираше поглаварот на Бугарската православна црква и за претстојните свечености по повод 35 години патријаршеска служба и 65 години од ракополагањето во ѓаконски чин на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, кои ќе се одржат на островот Имврос, родното место на патријархот.
Средбата помина во дух на срдечност и братско општење во Христа.
Извор: bg-patriarshia.bg